вторник, 13 мај 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Златен јубилеј, сложена врска: 50 години од билатералните односи меѓу ЕУ и Кина

Секоја врска со полувековен стаж е сложена, полна со подеми и падови. Нејзиното одржување бара добра волја и разбирање од двете страни, прилагодување, учење како да се совладаат тензиите и како да се зацврстува заемната почит.

Притоа, партнерите се менуваат низ времето, секој сам во себе и со себе, ама и поради дружењето со другиот. Надворешната околината е исто така посебен фактор кој влијае, намерно или не, на добро или лошо. Така е меѓу брачните другари, а не е поинаку ни кога станува збор за односи меѓу држави или политички ентитети. Како и да е, педесет години се долг период и вреден да се преиспита. Во случајов, зборуваме за педесетгодишен јубилеј од воспоставувањето на билатералната соработка меѓу два сосема различни субјекти. Едната страна е позната како „уникатен политички проект во меѓународните односи“ – Европската Унија. Другата е држава (Кина) – уникатна поради неверојатната трансформација и џиновски скок од голема но сиромашна земја до глобална сила во подем.

За сегашноста и иднината на оваа врска добро е да се фрли поглед назад, во времето кога е таа воспоставена. Во 1975 година не постои Европска Унија, туку Европска економска заедница, која потоа се преименува во Европска заедница. Две години порано доаѓа до првото европско проширување од шест на девет членки (Британија, Данска и Ирска). Во овој период паѓаат трите фашистички режими во Португалија, Грција и Шпанија. Другите бранови на политичко и економско поврзување и проширување следуваат. Уште поважно, внатрешната трансформација на Европската Унија успева да ги усогласи одликите на класична меѓународна организација со уникатните одлики на европскиот политички систем без држава. Амбициите за создавање федерализирана и уставна творевина пропаѓаат со неуспехот на т.н. Европски устав во 2005 година. Се чини, по тој подем на амбиции за стратешко позиционирање како глобална сила со мека (нормативна) моќ, колата почнува да се движи удолу. Големата финансиска криза од 2008 година, а потоа Брегзит и пандемијата со ковид-19 создаваат тектонски поместувања кои ги нишаат темелите на европската градба, која нема заеднички одговор на ваквите предизвици. Конечно, војната во Украина и сегашната забрзана милитаризација, но и внатрешното неединство, ја прават ЕУ непрепознатлива. Европската трансформација со децении беше фалена како оживотворување на досега невиден мировен проект, во кој земји кои низ историјата биле непријатели, се поврзаа толку близу што пренесоа дел од суверенитетот врз супранационални институции, особено во економската сфера. ЕУ стана олицетворение на Кантовиот мир, барем во намерно форсираните наративи за „разубавување“ на специфичниот европски империјализам и затскривање на темната страна на колонијалната историја.

Од друга страна, поради познатите историски причини, Народна Република Кина станува единствен и вистински претставник на земјата во ООН дури во 1971 година. Следуваше нормализација на односите со САД, но и другите европски земји. Во тој период, Кина ги воспоставува и билатералните односи со ЕЕЗ, која на неа и не гледа како на особено важен стратешки фактор. Во очите на Западот, кој е слеп при очи поради сопствената самобендисаност и ароганција, Кина е сè уште земја на селани и сиромашна работничка класа, која едвај преживува. Дури и денес високи западни политичари знаат да ја навредат оваа земја со најбрзорастечка економија, технологија и иновации. Ако развојот на ЕУ бара многу простор, приказната за развојот на Кина, прво внатре, а потоа и глобално, би барал уште поголем простор и време. Она што е битно е дека постепената внатрешна консолидација на системот, кој опстојува дури и кога „комунизмот паѓа“ (како што гласи општата мантра по падот на Берлинскиот ѕид, а која се покажа само како пропагандна алатка), е во насока на создавање хармоничен и стабилен поредок. После децении и децении на страдања, револуција, граѓанска војна и слично, на Кинезите им е доста од експерименти. Нивниот општествен договор е фокусиран на стабилност и развој. Токму затоа и идејата за повеќепартиска (либерална) демократија на постојани кавги, делби, битки за заграбување дел од државниот колач, им е туѓа. Комунистичката партија е стожерот кој не се доведува во прашање, а власта е свртена кон колективното добро, елиминација на сиромаштијата, неписменоста, неразвиеноста. Постепените реформи го создаваат социјализмот со кинески карактеристики, во кој елементите на пазарната економија не се исклучени, но се под контрола на државата. На државата се гледа како на продолжение на една цела цивилизација која минала низ разни фази, но ги искристализирала суштинските одлики и квалитети. Од реформите на Денг Сиаопинг до Си Џинпинг е направен квантниот скок. Кога ќе стапнете во Кина првата помисла ви е дека се наоѓате не во друга земја, туку во друга временска димензија. Таквата експанзија нужно доведува до раст на Кина како глобален фактор. Оваа фаза започнува со иницијативата Појас и пат (2013 година), позната и како Нов пат на свилата.

И токму во врска со оваа иницијатива може да се постават интересни прашања за тоа колку заговорниците на европската интеграција се искрени во својот наратив. Или се само себични и лицемерни? Во земјите во кои ЕУ сака да ја проектира својата моќ и влијание, особено на европскиот континент, но и пошироко, со децении се негува бајка. Според неа, и покрај тешките историски наследства, со добра волја и преку економска интеграција државите можат да изградат основа за траен мир и соработка. Впрочем, тоа беше и образложението за Нобеловата награда за мир доделена на ЕУ во 2012 година: го претворила континентот во простор на мир и благосостојба! Коментаторите укажаа на фактот дека наградата е доделена за постигнувања од минатото, но дека во актуелниот миг ЕУ е во должничка криза, чија цена ја плаќаат најсиромашните, а за солидарност не може да стане ни збор. Ова се покажа особено точно за време на грчката криза во 2015, а најмногу за време на мигрантската криза и пандемијата.

Она што Кина го постигнува на глобален план, на повеќе континенти – од Азија до Латинска Америка – би требало да биде уште поуникатен мировен проект, наместо да се гледа како ризик. ЕУ би требала прва да го поздрави ваквиот пристап во поврзувањето на нациите и градењето не мировна Европа, туку глобален мир во светот. Многу неразвиени и сиромашни нации, и нивните лидери, со години укажуваат дека за разлика од западните политичари кои доаѓаат да им држат лекции по демократија, без да им помогнат туку дури и го одржуваат колонијалниот однос, Кина доаѓа со конкретни понуди кои даваат резултати. Онака како што својата популација ја извади од сиромаштијата, Кина им помага на сите останати да се поврзат со најмодерна инфраструктура, да создадат енергетска (и чиста) база за своето производство, да тргуваат и да учат.

Траекторијата на петте децении во меѓусебна соработка покажува дека во времето на прославата, ЕУ е во надолна линија, послаба и стратегиски поизгубена од Кина, која се профилира во вистински лидер на еден друг сојуз на нации кои се против западната хегемонија. Јубилејот не е обичен настан, и за тоа зборуваат бројни конференции, перформанси, церемонии кои веќе започнаа. Главниот настан кој Брисел сака да го одбележи во својот двор и во присуство на кинескиот претседател Си Џинпинг се планира за 6 мај. Претседателот љубезно ја одби поканата и кажа дека наместо него во Брисел ќе допатува делегација предводена од премиерот. Онака како што е и ред. Бидејќи, ЕУ ниту е држава, ниту има еден „телефонски број“ (лидер). Прославата ќе биде под сенка на многу искушенија во кои двата партнери се драматично променети од оние од пред пет децении. ЕУ од проект на мир веќе е во транзиција на проект на војна без крај (Украина, но и односот кон Газа и другите конфликти). Разводот на политичкиот Запад (САД и Европа) ќе остави сериозни последици по Унијата, која водеше кусогледа политика и стана зависна во секој поглед од катастрофалната политика на Вашингтон.

За волја на вистината, ЕУ и Кина никогаш не стапија во брачна врска, па затоа и двете страни имаат слобода на стратегиско планирање и заштита на своите интереси. Тука, разочарувања нема да има, но може да има загуби и пропуштени можности за поблиско поврзување, па и учење. Можеби во минатото европската интеграција беше уникатниот пример на кој сите му се восхитуваа и црпеа инспирација, но оваа улога сега ѝ припаѓа на Кина. Таа не условува, нема политика на условување или политички (па и национални, идентитетски) барања кон партнерите со кои соработува. За разлика од неа, ЕУ сеуште знае да ги уценува оние кои чукаат на нејзината врата. Македонија е добар пример за некоректен и арогантен однос на Брисел, кој ниту ја интегрира, ниту ѝ дозволува да води политика согласно националните интереси.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Александар Стојановски

Кога борбата против опонентите станува поважна од самата демократија

Алис Тејлор

Со дијаспората зад себе и ЕУ пред себе, Рама оди по...

Ристо Цицонков

Потрошувачка на електрична енергија во светот

Рајко Пеколски

Роди се човек, робот биди!

Бјарне Оверкот

Социјални медиуми: проблематични платформи, проблематични корисници

Александар Стојановски

Светот по стариот поредок: не плашете се од промените, градете ја...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ