вторник, 13 мај 2025
Јове Кекеновски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Малодушноста на беровските локални власти

Во време кога повеќето села низ Македонија тивко умираат, кога културното ткиво се кине, секој искрен обид за враќање на животот треба да се слави како национален празник. Но, за жал, во општина Берово сведочиме на спротивното: на рамнодушност, на студенило и на малодушност што срами.

Владимирово, мало село со големи луѓе, покажа што значи љубов кон корените. Таму, на иницијатива на Културниот центар „Горан Алачки“, „ЗВИС“ – здружение за владимирски илинденски средби и фондацијата „Д-р Михаил Левенски“, старата сала на задружниот дом е реновирана и истата беше именувана по светскиот диригент Ванчо Чавдарски, гордост на Владимирци, на Берово, на Република Македонија. Целта на овие ентузијасти е полека да го враќаат животот во своето огниште. За неполн еден месец таму ќе се одржи првиот Фолк – фестивал на македонски народни песни „Владимирово 2025“.

И кога требаше сите да бидеме заедно – кога се славеше културата, музиката, историјата, споменот на најголемиот македонски диригент, достоинството – локалните власти на Берово се сокрија. Градоначалникот и општината не само што не беа заинтересирани за овој настан, туку и не ги удостоија своите сограѓани со својата  присутност на отворањето на салата „Ванчо Чавдарски“ . Ни со гест, ни со збор, ни со почит. Кога настан со учество на оперскиот великан Борис Трајанов, Камерниот оркестар на скопските солисти на чело со професор Васил Атанасов, диригентот Ангел Спировски и други врвни уметници и вљубеници во Македонија и македонската музика и култура останува игнориран од највисоките локални власти, тоа не е случајност. Тоа е срам. Тоа е лична и колективна локална морална катастрофа.

Локалната власт на Берово со својот молк ни порача едно: дека не ја чувствува својата општина, не ги чувствува своите луѓе. Заборавија дека функцијата обврзува – на љубов, на присутност, на служба и почит кон оние кои ти ја дале довербата. И поради тоа ми се наметнува едно болно прашање: како дојдовме до таму што вакви и слични персони ги устоличуваме на места кои треба да бидат двигатели на заедницата? Како дозволивме да бираме функционери кои ја губат суштината на служењето уште од првиот ден по изборите?

Одговорот е тежок, но јасен: тоа е резултат на секој наш молк, на секоја прифатена неправда, на секоја изговорена флоскула ‘сите се исти’ и ‘ништо не се менува’, на она што ни е наметнато. Тоа е резултат на секое рамо слегнато во апатија, на секој пат што го изгубивме кога не стоевме за правдата, кога не го поддржавме она што е вистински важно. А токму на вакви настани, токму на вакви обиди за воскреснување на духот, на настан што обединува луѓе од цела Македонија, настан што носи нова енергија во напуштените простори, се гледа кој е човек, а кој само функција.

Кога првиот човек на општината не може да препознае вакво случување во неговиот двор, тоа е знак дека таа функција одамна е саможивна, бирократизирана и отуѓена од сѐ.

Но во секој случај, Владимирово одржа сериозна лекција што мора да остане запаметена: дека културата и љубовта кон татковината не молат за дозвола. Тие се создаваат.

Затоа поучен од овој настан упатувам јавен апел до сите градоначалници и советниците во локалните самоуправи – „Вашата позиција не е само чест, туку и огромна одговорност. Секој ден носите одлуки кои влијаат на животот на вашите граѓани. Не дозволувајте рамнодушноста и суетата да ја дефинираат вашата работа. Не смеете да помислите да дозволите да се игнорираат иницијативи кои го враќаат животот во вашите општини? Не смеете да останете пасивни и рамнодушни пред луѓето кои со своите активности ги збогатуваат вашите локални заедници? Граѓаните не ви дадоа доверба за да се криете од нивните потреби. Тие очекуваат резултати. Очекуваат посветеност. Очекуваат дека ќе бидете гласот на заедничките интереси, а не бариери што ги задушуваат добрите идеи. Секој пат кога не ги поддржувате културните и други иницијативи, кога не покажувате свој личен интерес за важни настани, кога не вложувате во општинскиот живот, вие не само што ја губите довербата на вашите сограѓани, туку и ја намалувате вредноста на вашата институција. Немојте да бидете локални лидери само во свое име. Бидете лидери со дела.

И за крај – не, ова не е пораз на Владимирово. Ова е победа на Владимирци. Победа на љубовта над рамнодушноста. Победа на идејата дека Македонија ќе живее, не благодарение на самобендисаните политичари, туку благодарение на луѓето кои знаат што значи да се сакаат своето и своите.

                                                                           проф д-р Јове Кекеновски

КОЛУМНИ

Александар Стојановски

Кога борбата против опонентите станува поважна од самата демократија

Алис Тејлор

Со дијаспората зад себе и ЕУ пред себе, Рама оди по...

Ристо Цицонков

Потрошувачка на електрична енергија во светот

Рајко Пеколски

Роди се човек, робот биди!

Бјарне Оверкот

Социјални медиуми: проблематични платформи, проблематични корисници

Александар Стојановски

Светот по стариот поредок: не плашете се од промените, градете ја...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ