Изборниот модел е формула како гласовите за партиите се претвораат во пратенички мандати, и влијае врз тоа кои политички интереси ќе бидат застапени во законодавниот дом.
Кај системите со пропорционално претставување овие ефекти често се сметаат за помалку драматични отколку кај мнозинските системи, бидејќи нивната цел е распределбата на мандатите приближно да ја одразува распределбата на гласовите. Сепак, и во рамките на пропорционалните системи институционалните детали се од суштинско значење. Систем со неколку средно големи изборни единици и распределба на мандатите според Д’Хонт не дава исти резултати како модел со една национална изборна единица во која се применуваат Херовата или Друповата квота, или формулата Сент-Лаги. Исто така, систем без законски изборен праг не дава резултати како модел со праг од 5 или 10 проценти.
Зошто деталите на изборниот модел се важни
Овие разлики се особено важни во новите и мултиетнички демократии, каде што изборните правила треба да воспостават рамнотежа меѓу две цели што често се спротивставени една на друга: поголемо, пошироко политичко претставување на сите сегменти на граѓаните и создавање на функционално парламентарно мнозинство кое ќе избере влада. Македонија е особено релевантен пример за анализа на овој компромис.
Од 2002 година пратениците во Собранието се избираат во шест повеќемандатни изборни единици. Во секоја од нив се избираат по 20 пратеници, преку затворени кандидатски листи и со примена на Д’Хонтовата формула. Моделот беше воведен по конфликтот во 2001 година и по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, во услови кога политичката инклузија, етничката застапеност и стабилизацијата на партискиот систем беа централни прашања.
Основната логика на овој пропорционален систем е попрецизно да ги одрази интересите на различните сегменти од општеството. Во комбинација со законските родови квоти на кандидатските листи, моделот значително ја подобри застапеноста на жените во Собранието. Позитивни резултати има и во застапеноста на етничките заедници. Сепак, сегашниот модел го отежнува самостојниот влез на помалите партии во парламентот.
Оваа анализа го испитува токму тој проблем. Врз основа на официјалните резултати од сите парламентарни избори од 2002 до 2024 година, преку симулации ги споредуваме исходите што би ги произлегле ако се употребеле различни пропорционални модели во овој период.
Претставување или функционалност?
Меѓу експертите за изборни системи постои широка согласност дека не постои еден „најдобар“ модел во апсолутна смисла. Секоја држава има специфични политички, општествени и историски околности, а секој систем има свои предности и слабости.
Мнозинските системи почесто создаваат услови за двопартиска конкуренција и за формирање еднопартиски влади. Но во овие системи често пати добиваме диспропорционални резултати, мала изборна победа во гласови, а голема во пратеници. Исто така, често пати губитници се помалите партии и малцинствата. Пропорционалните системи, пак, овозможуваат поширока застапеност, но често бараат коалиција од две или повеќе партии за формирање парламентарно мнозинство. Коалициските влади не се нужно нестабилни, но нивното формирање и одржување може да биде посложено, а распадот на коалициите може да доведе до предвремени избори.
Пропорционалноста во мултиетничко општество
Пропорционалното претставување генерално се поврзува со поширока парламентарна застапеност во споредба со мнозинските системи. Овој модел им овозможува на помалите партии, етничките заедници, идеолошките движења и географски дисперзираните групи полесно да влезат во парламентот.
Тоа е една од главните причини зошто пропорционалниот модел често се препорачува за поделени општества. Во мултиетнички контекст, систем што систематски ги исклучува малцинствата може да ја поткопа демократската легитимност и да ги продлабочи конфликтите. Наспроти тоа, инклузивниот изборен систем ги поттикнува политичките актери да бараат претставување преку парламентарна конкуренција, наместо преку мобилизација надвор од институциите.
Можноста етничките заедници да освојат парламентарни мандати зависи од изборниот систем, но и од нивната бројност и географска концентрација. Пропорционалните системи овозможуваат застапување и на географски дисперзираните заедници — преку партии што ги претставуваат нивните интереси или преку балансирани кандидатски листи на поголемите партии. Мнозинските системи, пак, најчесто овозможуваат малцинска застапеност само кога одредена заедница има доволна концентрација во конкретно географски дефинирани изборни единици.
Како се распределуваат мандатите?
Бројот на партии и листи што освојуваат мандати во голема мера зависи од конкретните изборни правила. Во пропорционалните системи постојат два главни метода за распределба на мандатите: методот на највисоки просеци, односно највисоки количници, и методот на најголем остаток.
Кај методот на највисоки просеци, бројот на гласови на секоја листа последователно се дели со серија делители, а мандатите им се доделуваат на листите со највисоки количници. Во Европа најраспространета е Д’Хонтовата формула, која ги користи делителите 1, 2, 3, 4 и така натаму. Чистиот метод Сент-Лаги користи непарни броеви како делители — 1, 3, 5, 7 и така натаму — додека модифицираниот Сент-Лаги го заменува првиот делител со 1,4, а потоа ја следи истата низа. Данскиот метод ги користи делителите 1, 4, 7, 10 и 13, додека методот Империјали ги користи делителите 1, 1,5, 2, 2,5, 3 и така натаму.
Алтернативата е методот на најголем остаток. Кај него, бројот на гласови на секоја листа се дели со изборна квота што го претставува бројот на гласови потребни за еден мандат. Наједноставна е Херовата квота, кај која вкупниот број важечки гласови се дели со бројот на мандати што се распределуваат (V/n). Друповата квота користи пониска квота, пресметана врз основа на бројот на мандати зголемен за еден, додека кај квотата Империјали вкупниот број гласови се дели со бројот на мандати зголемен за два. Бидејќи преостанатите мандати се распределуваат според најголемите остатоци, овие методи често им даваат повеќе можности на помалите партии.

Што покажува примената на Сент-Лаги во шест изборни единици?
Првиот реформски чекор што често се предлага е промена на формулата, без менување на постојните шест изборни единици. Симулацијата на Сент-Лаги во рамките на сегашната структура покажува умерено зголемување на бројот на листи што би освоиле мандат. Во осумте изборни циклуси од 2002 до 2024 година, вкупниот број застапени листи би се зголемил од 49 на 60. Најголемата промена би се случила на изборите во 2006 година, кога бројот би пораснал од 8 на 11. На изборите во 2020 и 2024 година, пак, бројот на листи со парламентарен статус би останал непроменет.
Ефектот врз големите партии во ова сценарио е ограничен. Коалициите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ генерално би изгубиле мал број мандати, кои би преминале кај средно големи или помали партиски листи. На пример, на изборите во 2024 година коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ би имала два мандати помалку, но нејзината убедлива победа би останала неспорна поради големата разлика во освоените гласови.
Левица, како пример за помала партија, би освоила четири дополнителни мандати во 2020 и два дополнителни мандати во 2024 година доколку во шесте изборни единици била применета формулата Сент-Лаги. Тоа покажува дека, во споредба со Сент-Лаги, Д’Хонтовата формула по правило им дава поголема предност на најсилните политички субјекти, дури и кога мандатите се распределуваат во еднакво големи регионални изборни единици.
Оттука произлегува важен заклучок: замената на Д’Хонт со Сент-Лаги, без промена на бројот и големината на изборните единици, би ја зголемила инклузивноста на Собранието, но ефектот би бил ограничен. Многу посилно влијание може да има преминот кон една изборна единица, како и висината на евентуалниот изборен праг. Токму овие сценарија ќе бидат разгледани во вториот дел од анализата.
Жидас Даскаловски












