Од МВР информираат дека во текот на вчерашниот ден, полициски службеници врз основа на обезбедени судски наредби, извршиле претреси на повеќе локации во Скопје и Куманово со цел целосно разоткривање на лицата и нивните активности кои траеле подолг временски период.
„При претресите на неколку локации беа пронајдени околу шест килограми амфетамин, но и повеќе таблети, пакувања со растителна материја, како и други предмети кои се предмет на вештачење по наредба на јавниот обвинител. Предистражната постапка траеше неколку месеци, а дел од доказите беа обезбедени со примена на посебни истражни мерки“, појаснуваат од МВР.
Согласно обезбедените докази, постои сомнение дека тие заедно со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, така што претходно неовластено набавувале, држеле и продавале психотропна супстанца – амфетамин, кој е класифициран во Националната Листа II на контролирани психотропни супстанции, како и 3,4-метилен-диоксиметамфетамин (МДМА)-психотропна супстанца, класифициран во Националната Листа I на контролирани психотропни супстанции.
Добро организираната акција за откривање на амфетамин е резултат на напорите на МВР во сузбивањето на трговијата со дрога, рече министерот Панче Тошковски, денеска при посетата на граничниот премин (ГП) Табановце-Прешево на кој беше промовиран „Уан стоп шоп системот“ за побрз проток и помалку чекање на граѓаните.
„Сето она коешто се случуваше во текот на вчерашниот ден е само уште еден доказ дека МВР е силно посветено против нелегалната трговија со дрога. Оне историски резултати коишто се покажуваат во изминатата година навистина се впечатливи и покажавме дека со труд, со работа и посветеност можеме да се спротивставиме на нарко-дилерите во Македонија. Вчерашната акција беше поврзана токму со ова, откриени, се фатени се при оваа полициска акција, добро организирана, подолг временски период, пет килограми амфетамин коишто се поврзани со одредени криминални групи во Македонија. Сега, засега не би можел да изнесам дополнителни детали, се постапува во координација со надлежен јавен обвинител и ќе бидат процесуирани пред судија на претходна постапка, оние коишто се инволвирани во рамки на овој кривично-правен настан“, рече Тошковски.
Дополнително, тој посочи дека дрогата била наменета за македонскиот пазар. Одговарајќи на новинарски прашања кажа дека оваа акција не е поврзана со претходната акција во Струмица.
„Да, знам дека одредена група на полициски службеници коишто не постапувале, согласно напатствијата коишто ги имаат беа предмет на работа на одделот за внатрешна контрола, како заврши постапката не би можел да споделам во овој момент, може дополнително да се сподели со јавноста, таа информација. Но, знам дека одделот за внатрешна контрола постапуваше“, одговараше Тошковски на новинарски прашања.
Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје информираа дека е поведена постапка против шестмината осомничени.
Како што информираат од ОЈО, при претрес на неколку локации биле пронајдени шест килограми амфетамин, таблети и пакувања со растителна материја, како и други предмети кои се предмет на вештачење по наредба на јавниот обвинител.
Предистражната постапка на Основното јавно обвинителство Скопје во соработка со Министерството за внатрешни работи траела неколку месеци, а како што информираат од ОЈО, дел од доказите биле обезбедени со примена на посебни истражни мерки.
– Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници врз основа на обезбедени судски наредби, извршија претреси на повеќе локации во Скопје и Куманово заради целосно разоткривање на лицата и нивните активности кои траеле подолг временски период“, пишува во соопштението на ОЈО Скопје.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје денеска доставил предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа за сите шест лица лишени од слобода, временски период неопходен за прибирање докази, анализа на обемниот доказен материјал и за завршување на вештачењата.