петок, 14 ноември 2025

Сеат е жив, ги претстави освежените ибица и арона (ФОТО)

Шпанците го најавија второто освежување на нивните популарни модели арона и ибица, кои ќе се појават на пазарот во јануари 2026 година. Овој потег доаѓа по осум години производство на претходните генерации на моделите и во време кога се појавија гласини за неизвесната иднина на брендот во рамки на групацијата Фолксваген.

Објавено на

часот

Сподели

Шефот на Сеат Маркус Хаупт јасно даде до знаење: „Ние сè уште постоиме – и така ќе остане“. Наместо целосно нови модели, стратегијата се свртува кон темелно подобрување на постојните возила и продолжување на нивниот животен циклус.

Редизајнираните модели носат нови бои, бандажи и значително подобрен ентериер. Новиот волан и побогатите тапацири на вратите го зголемуваат впечатокот за квалитет, додека новите седишта се дизајнирани за поголема удобност. Спортската опрема ФР сега доаѓа стандардно со предни седишта со интегрирани потпирачи за глава.

Сеат ја поедностави понудата на предни светла – новата целосно ЛЕД технологија станува стандардна кај сите модели и нуди подобро осветлување, додека поскапата опција со видливи индивидуални ЛЕД елементи е прекината.

На патот, двата модели сè уште припаѓаат на самиот врв во класата во однос на агилноста. Тие се фалат со живиот и непосреден карактер, со прилично тврдо нагодената суспензија. ФР верзиите доаѓаат со уште поцврста спортска суспензија која решително ги пренесува нерамнините од патот.

Понудата на мотори засега останува непроменета. За арона почетниот модел е 1.0 ТСИ со 95 коњски сили, додека ибица почнува со атмосферски еднолитарски мотор со 80 КС. И двата модели нудат и помоќни опции, вклучувајќи го и 1.5 ТСИ со 150 КС, кој ги претвора малите Шпанци во вистински тркачи со речиси ГТИ чувство. Љубителите на класични решенија ќе бидат задоволни што двата модели ја задржуваат класичната рачна сопирачка.

Почетните цени се 20.890 евра за ибица и 25.400 евра за арона. Најниското ниво на опрема е прекинато, а новата основна верзија сега едноставно се нарекува ибица или арона, над кои се стајл и ФР.

Пристигнувањето на мајлд хибридите е најавено за 2027 година, што ја потврдува намерата на Сеат да остане присутен на пазарот, иако останува отворено прашање дали ова освежување претставува вистинско откажување од гаснењето на марката или само привремено решение.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ