недела, 24 мај 2026

Вучиќ: Наскоро би можел да поднесам оставка

Претседателот на Србија Александар Вучиќ пристигна во Кина, каде што ќе престојува во петдневна официјална посета на покана на кинескиот претседател Си Џинпинг.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Вучиќ се обрати до јавноста од Кина, објавија српски медиуми. Тој ги коментираше вчерашните големи протести во Белград. „Мојата покана за дијалог останува отворена. Како претседател на Србија, ги поканувам на дијалог и верувам дека тоа е поважно од нашите партиски прашања и политички борби. Нема да престанам да поканувам, тоа е добро за нив и може многу да им донесе“, порача Вучиќ.

На пораките на демонстрантите дека е „готов“, тој одговори: „Па готов сум, наскоро ми истекува мандатот! Можно е наскоро да поднесам оставка…“

Вучиќ негираше постоење на „уфрлени елементи“ на протестите. „Луѓе, ние сакавме слика за демократска Србија, а тоа само ним им одговараше. Нема крај на нивните лаги и теории на заговор, една лага по другата“, кажа тој. „Милијарди евра беа инвестирани во уништувањето на Србија – во медиумите, политичките и параполитичките организации, невладините организации, синдикатите… готовина на улиците… но сепак, успеавме да го одбиеме тој напад“, тврди тој.

Тој ја пофали работата на полицијата. „Полицијата го обезбеди митингот фантастично. Што се однесува до Славија, тие беа речиси невидливи, сообраќајот функционираше. Тие беа поприсутни во близина на Пионирски парк бидејќи таму имаше пијани луѓе“, кажа тој, додавајќи дека голем број полицајци се повредени.

На коментарот на европратеникот Андреас Шидер дека го запрел железничкиот сообраќај во Србија од страв од граѓаните пред протестите, Вучиќ одговори: „Јас го запрев? Па, им беше тешко да стигнат таму со автомобил бидејќи тие брзи возови одат само до Нови Сад и Суботица. Ние, за разлика од господин Шидер, немаме проблем со протестите“.

Полициските кордони интервенирале вчера во центарот на Белград по мирниот протест „Студентите победуваат“ во кој учествуваа десетици илјади граѓани од цела Србија. Конфликтот со полицијата започна недалеку од Пионирски парк, каде што беа собрани поддржувачите на претседателот Александар Вучиќ.

Под слоганот „Студентите победуваат“, студентското движење ги покани граѓаните од целата земја да се соберат од 18 до 20 часот на плоштадот Славија во центарот на градот, каде што на 15 март минатата година се одржаа најголемите антивладини демонстрации во поновата историја на Србија, поттикнати од трагедијата во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога 16 лица загинаа при пад на бетонска стреа.

Протестот на плоштадот Славија заврши мирно околу 20 часот, но група мажи се судрија со полицијата која обезбедуваше паралелен митинг на поддржувачите на Вучиќ, организиран во Пионирски парк, пред канцеларијата на Вучиќ.

Од 1 ноември 2024 година траат протестите во Србија, достигнувајќи врв од 300.000 луѓе на 15 март 2025 година. Студентите се надеваат дека вчерашниот протест ќе го оживее движењето и ќе го охрабри претседателот Вучиќ да распише предвремени избори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ