Таа бројка официјално беше надмината на 21 јули 2026 година, кога беа регистрирани 2.295 случаи. Последен пат САД имале поголем годишен број заболени во 1991 година, кога биле регистрирани 9.643 случаи, по 27.808 случаи во 1990 година, пишува Саенс алерт.
Годишниот број на заболени значително се намалил во годините што следувале и паднал на само 312 случаи во 1993 година, откако била препорачана втора доза од вакцината и биле воведени програми за вакцинација во училиштата. Оттогаш бројот на случаите на сипаници бил низок, сè до 2025 година. Експертите за јавно здравје изразуваат длабока загриженост. Минатата година од последиците на болеста починаа три лица. Во 2026 година сè уште нема регистрирани смртни случаи, но со секој нов заболен изгледите стануваат сè полоши.
Вилијам Мос, епидемиолог од Школата за јавно здравје „Блумберг“ при Универзитетот „Џонс Хопкинс“, е дел од тимот што внимателно го следи ширењето на сипаниците во земјата. Тој вели дека станува збор за алармантен рекорд што можел да се избегне.
„Трагично е што веќе во 2026 година, и тоа пред крајот на годината, го надминуваме вкупниот број случаи од 2025 година“, вели Мос за Саенс алерт.
Со него се согласува и експертката за јавно здравје Џесика Стаер.
„Ова е проблем што самите си го создадовме и кој можеше целосно да се спречи“, рече таа.
Сипаниците се исклучително заразна вирусна болест. Лесно се пренесуваат преку воздух кога заразено лице кашла, кива или зборува. Секое заразено лице може да го пренесе вирусот на дури 18 други луѓе. За споредба, основниот репродукциски број (Р0) кај грипот е околу 2, а кај САРС-КоВ-2 до 4.
Кога вирусот на сипаниците ќе влезе во организмот, ги презема клетките за да создава нови копии од себе.
Овие први фази од инфекцијата најчесто се одвиваат во горните дишни патишта и белите дробови, каде што вирусот почнува да го нарушува дишењето. Потоа ги инфицира имунолошките клетки, кои го пренесуваат до лимфните јазли и така му овозможуваат да се прошири низ целото тело.
Симптомите вклучуваат висока температура, кашлица и црвен, испакнат осип. Кај заразените може да се развијат и други компликации, како воспаление на увото, воспаление на белите дробови, дијареја или енцефалитис – воспаление на мозокот што може да предизвика трајни оштетувања.
„Ги елиминиравме сипаниците во 2000 година по децении напорна работа во јавното здравство, а сега гледаме како тој напредок исчезнува. Тоа е поразително за децата во нашата земја“, вели Џесика Стаер, основач на платформата „Непристрасна наука“, во разговор за Саенс алерт.
Во тешки случаи сипаниците можат да доведат до хоспитализација, па дури и до смрт, а експертите истакнуваат дека вакцинацијата е најдобриот начин за заштита.
„Во земјите каде што сипаниците се ендемски, родителите, здравствените работници и политичарите се свесни за нивните разорни последици“, рече Мос, чија работа главно била насочена кон посиромашните земји.
„Во многу од тие земји предизвик е да се подобри пристапот до вакцините, а не да се убедуваат луѓето во нивната вредност.“
Иако повеќето заедници во САД имаат пристап до вакцини, многумина избираат да не се вакцинираат себеси или своите деца, или се двоумат. Причините се замор од вакцинацијата, арогантна неукост, страв од несакани ефекти или губење доверба во медицинските институции. Верските изземања и филозофските приговори, исто така, создаваат групи на невакцинирани во одделни заедници.

„Знаеме дека ниската опфатеност со вакцинација е долгогодишен проблем поради широкиот возрасен опсег на заболените. Само 20 проценти од случаите се кај деца помлади од пет години, 50 проценти кај постари деца, а 20 проценти кај возрасни постари од 20 години“, истакна Мос.
Експертите сметаат дека еден од главните фактори е тоа што колективно сме заборавиле колку биле опасни сипаниците пред воведувањето на вакцината во 1963 година.
„Успешните програми за вакцинација парадоксално сами си го поткопуваат успехот, бидејќи луѓето забораваат колку разорни можат да бидат болестите што се спречуваат со вакцини“, објасни Мос.
„Ова реално е проблем што самите си го создадовме и кој можеше целосно да се спречи“ – експертката за јавно здравје Џесика Стаер
Смртта не е единствената опасност од сипаниците.
„Многу родители мислат дека единственото за што треба да се грижат е детето да ги преживее сипаниците. Тоа не е точно“, рече Стаер.
„Дури и еден лесен случај може да предизвика таканаречена имунолошка амнезија. Тоа е состојба во која детето закрепнува од сипаниците, но неговиот имунолошки систем ја ‘заборава’ одбраната што веќе ја изградил против други инфекции. За повторно да се изгради изгубениот имунитет, може да бидат потребни две до три години.“
Вакцината против сипаници, која штити и од заушки и рубеола (ММР), делува така што во организмот внесува ослабени верзии на вирусот. На тој начин имунолошкиот систем, особено Т-клетките и другите бели крвни клетки, учи да го препознае и да се бори против вирусот пред да дојде до вистинска инфекција.
Научниците потврдија дека вакцината против сипаници не предизвикува воспалителни заболувања на цревата ниту аутизам, што е докажано во многубројни темелни научни истражувања.
Најчестите несакани реакции вклучуваат болка, оток и црвенило на местото на убодот, а понекогаш и покачена температура, што е знак дека имунолошкиот систем ја вежба својата одбрана.
Во многу ретки случаи вакцината може да предизвика фебрилни грчеви или тешка алергиска реакција, но овие несакани ефекти се многу поретки од сериозните компликации што ги предизвикува самата болест.
Податоците покажуваат дека лицата што примиле две дози од вакцината се добро заштитени.

Стаер и Мос се согласуваат дека пред САД стојат големи предизвици доколку сакаат повторно да го вратат статусот на земја што ги елиминирала сипаниците.
Еден од проблемите е оптовареноста на здравствениот систем, кој и онака работи под голем притисок.
„Ако пренесувањето на сипаниците во САД продолжи, и понатаму ќе имаме заболувања, хоспитализации и смртни случаи што можеле да се спречат. Ќе имаме и преоптоварен јавноздравствен систем што нема да има доволно средства и кадар за справување со други проблеми, покрај огромните финансиски трошоци што ги носат епидемиите“, предупреди Мос.
Тука е и поширокиот проблем со опфатот на вакцинацијата, дезинформациите и нарушената доверба.
Истражување објавено во списанието „Вакцина“ укажува дека укинувањето на задолжителната вакцинација во училиштата по пандемијата на ковид-19 е силно поврзано со повторното ширење на сипаниците.
Враќањето на довербата е клучен предизвик.
„Родителот што ќе одлучи да не го вакцинира своето дете верува дека ја носи правилната одлука“, вели Стаер.





