среда, 22 јули 2026

ЕВН: Екипите работат без прекин, но делови од Скопје и натаму се без електрична енергија

Силното невреме кое вчера зафати делови од државата предизвика сериозни оштетувања на електродистрибутивната мрежа, поради што голем број домаќинства останаа без електрична енергија, велат од ЕВН за МКД.мк по вчерашното невре. Екипите се постојано на терен и работат на отстранување на дефектите, но дел од граѓаните и повеќе од 20 часа по невремето сè уште се без струја и без конкретни информации кога снабдувањето ќе биде нормализирано.

Објавено на

часот

Сподели

Како што претходно објавивме, делови од Скопје повеќе од 20 часа чекаат да биде воспоставено редовно снабдување со електрична енергија. Дополнителен револт кај граѓаните предизвикува тоа што не можат да добијат никакви информации од контакт-центарот на ЕВН.

На телефонскиот број 02/3205-300, кој компанијата го има објавено за пријавување дефекти и добивање информации, граѓаните со часови, а според нивните сведоштва и речиси два дена, не успеваат да стапат во контакт со оператор. Наместо одговор, постојано ја слушаат истата автоматска порака: „Во моментов сите оператори во контакт центарот се зафатени“, проследена со музика. Поради тоа, никој не може да добие информација кога ќе биде отстранет дефектот и кога повторно ќе добие електрична енергија.

Од ЕВН, пак, информираат дека силното невреме кое вчера зафати делови од државата, меѓу другото, предизвикало оштетувања и на дистрибутивната мрежа, што довело до прекини во снабдувањето со електрична енергија кај дел од корисниците.

„Екипите на Електродистрибуција веднаш се мобилизираа и работат на терен со интензивно темпо, а активностите ќе продолжат без прекин сè до целосно санирање на сите дефекти и нормализирање на состојбата“, соопштија од ЕВН.

И покрај уверувањата дека се преземаат интензивни активности, голем број граѓани велат дека најголем проблем е недостигот од информации. Освен што повеќе од 20 часа се без електрична енергија, тие не можат да добијат ниту проценка кога дефектите ќе бидат санирани, бидејќи телефонските линии на контакт-центарот се постојано преоптоварени.

Засега од ЕВН не соопштуваат во кои населби санацијата ќе заврши најбрзо, ниту даваат временска рамка до кога целосно ќе биде нормализирано снабдувањето со електрична енергија во сите погодени подрачја.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ