Според Ангелов, природните непогоди на најсуров начин покажуваат дали при изградбата на објектите се почитувани законите, прописите и стандардите.
„Оние градби кои не ги исполнуваат неопходните критериуми природата ги оштетува, корне или руши. Без двојни стандарди, без ургенции, без пријателски врски“, истакнува Ангелов.
Тој посочува дека природата не прави селекција ниту кога станува збор за дрвјата, при што ги крши слабите гранки и корне нестабилни или оштетени дрвја.
„Природата не ја интересираат ниту еколошките организации кои ги штитат дрвјата дури и тогаш кога тие се стари, нестабилни или гнили. Природата чисти сѐ по ред. Ги корне или крши слабите гранки, корне и крши цели дрвја“, дополнува тој.
Ангелов апелира до сите учесници во процесот на градење да бидат совесни и доследно да ги почитуваат предвидените норми и стандарди, бидејќи, како што наведува, никој не знае кога природата повторно ќе изврши „контрола“.
Воедно, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување ги повика и еколошките организации да покажат поголемо разбирање во случаите кога надлежните институции проценуваат дека е неопходно отстранување на стари и нестабилни дрвја со цел да се спречат несреќи и материјални штети.
„Безбедноста е на прво место“, порачува Ангелов.





