петок, 15 мај 2026

Во Киев ден на жалост по масовниот руски напад во кој загинаа 24 лица, од кои 3 деца

Во Киев денес се одбележува ден на жалост по масовните руски воздушни напади врз украинскиот главен град ноќта кон четвртокот, во кои загинаа 24 лица, меѓу нив и три деца, според спасувачките служби што и натаму трагаат низ урнатините.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Спасувачите продолжуваат непрекината потрага по луѓе во урнатините на зградата што се урна во Дарницкиот округ“, соопштија државните служби за спасување, додавајќи дека бројот на загинатите се искачил на 24, од претходно пријавени 21.

Повредени се 47 лица.

Во Русија, во украински напади врз градот Рјазан, југоисточно од Москва, загинале три лица, а 12 биле повредени, соопштија локалните власти.

Руската војска соопшти дека во текот на ноќта кон петокот соборила 355 украински дронови, особено над пограничните области.

Според украинското воено воздухопловство, Русија ја нападнала Украина со 675 беспилотни летала и 56 балистички ракети, од кои украинската противвоздушна одбрана соборила 652 дрона и 41 ракета.

Рускиот напад со балистички ракети и дронови ноќта кон четвртокот, само 48 часа по завршувањето на тридневното примирје по повод одбележувањето на крајот на Втората светска војна, беше еден од најкрвавите напади врз главниот град во последно време, повеќе од четири години по почетокот на руската инвазија.

Нападнати биле десетина окрузи во Киев и околината.

Во Дарницкиот округ, балистичка ракета „буквално срамнила со земја станбена зграда од првиот до деветтиот кат“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој ја обвини Русија дека лансирала „повеќе од 1.560 дронови“ за помалку од 24 часа.

„Тоа сигурно не се постапки на луѓе што мислат дека војната се ближи кон крајот“, напиша Зеленски, алудирајќи на коментарот на рускиот претседател Владимир Путин од 9 мај.

Украинските сојузници го осудија најновиот напад.

Францускиот претседател Емануел Макрон го нарече доказ за „слабоста“ на Москва, која „не знае како да ја заврши својата агресија“.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека бомбардирањата „покажуваат дека Москва се потпира на ескалација наместо на преговори“.

Преговорите меѓу Киев и Москва, со посредство на САД, се во застој од избувнувањето на војната на Блискиот Исток кон крајот на февруари.

Единствениот конкретен напредок од претходните разговори беа размените на воени заробеници.

Најновата размена се случи денес, кога двете земји разменија по 205 затвореници, објави руската агенција РИА.

Зеленски ги повика сојузниците да извршат притисок врз Москва за да ја заврши инвазијата почната во февруари 2022 година.

Во Киев е регистрирана штета на повеќе од 20 локации, вклучително и цивилна инфраструктура.

„Сè гореше. Луѓето врескаа“, изјави жител на главниот град, Андриј, за Франс прес.

Новинарите на Франс прес слушале силни експлозии во поголем дел од ноќта и активирање на системите за противвоздушна одбрана низ градот.

Висок функционер од кабинетот на украинскиот претседател за Франс прес изјавил дека најновиот напад бил „демонстрација за време на разговорите на Трамп во Кина“ со Си Џинпинг.

Зеленски во средата ги повика двајцата лидери да разговараат за начини за запирање на руската инвазија.

По тридневното примирје што Трамп го најави неколку часа пред одбележувањето на крајот на Втората светска војна во Русија, секојдневните руски напади врз украинските градови продолжија ноќта меѓу понеделникот и вторникот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ