Виткоф и Кушнер ја посетија руската престолнина кон крајот на минатата година, кога разговорите за прекин на огнот со цел завршување на војната во Украина добиваа на интензитет, и повторно во јануари. Виткоф, кој осум пати бил во Москва, се сретнал со рускиот претседател Владимир Путин. Сепак, ниту тој ниту Кушнер никогаш официјално не го посетиле Киев.
„Тоа е непочитување, да доаѓаат во Москва, а не во Киев, тоа е едноставно непочитување. Разбирам дека имаме сложена логистика. Ако не сакаат да дојдат, можеме да се сретнеме и во други земји“, рече Зеленски во интервју за украински медиум, според Би-би-си.
Виткоф, поранешен магнат во секторот за недвижности, е специјален претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, додека Кушнер е негов зет. Зеленски на почетокот на април изјави дека двајцата планираат да ја посетат Украина, но тоа не се случи поради војната меѓу САД и Израел против Иран.
Последната трилатерална средба меѓу Русија, САД и Украина се одржа кон средината на февруари. Помалку од две недели подоцна, САД и Израел започнаа напади врз Иран, па фокусот на меѓународната заедница се тргна од завршувањето на војната во Украина, која трае повеќе од четири години.
Виткоф и Кушнер се дел од американскиот преговарачки тим кој патува во Пакистан на разговори за примирје со Иран, а Зеленски призна дека вниманието на САД во моментов е насочено кон Блискиот Исток. „Но, во секој случај, нас ни е важно да продолжиме со соработката со Американците“, потврди Зеленски.
Преговорите за прекин на огнот се забрзаа во есента 2025 година, кога се дозна дека руските и американските претставници работат на план за завршување на војната во Украина, кој вклучуваше голем број одредби неповолни за Киев. Украина инсистираше да се приклучи на преговорите, по што следеа низа состаноци и самити.
До февруари, и Москва и Киев тврдеа дека постигнале договор за некои „воени прашања“, вклучувајќи ја позицијата на фронтот и надзорот на прекинот на огнот. Други клучни прашања остануваат нерешени, вклучувајќи го барањето на Украина Русија да ги врати украинските деца депортирани од почетокот на војната, како и инсистирањето на Москва за „промена на режимот“ во Киев.
Клучно прашање останува статусот на источниот регион Донбас. Барањето на Русија за суверена украинска територија во замена за крај на војната е неприфатливо за Киев и ниту една страна не попушта, што ги држи преговорите во застој.
„Бараме компромис помеѓу две сосема спротивставени позиции. Сè уште не сме го нашле“, рече Кирило Буданов, шеф на кабинетот на претседателот, во февруари.
На крајот, додаде тој, и Киев и Москва ќе „мораат да признаат едно од двете: или ќе најдеме решение и ќе ја завршиме оваа војна, или сите подеднакво ќе ја преземеме одговорноста признавајќи дека не најдовме решение и ќе продолжиме да се убиваме едни со други – нешто што го правиме доста ефикасно и професионално“.
Големи делови од источна Украина се под руска контрола, а силите од Киев и Москва сè уште се вклучени во директни борби долж долгиот фронт што се протега од Луганската област на североисток до Херсон на југ. Градовите низ Украина редовно се цел на воздушни напади, а Русија користи стотици дронови и ракети кои убиваат цивили и уништуваат инфраструктура.
Во една ноќ минатата недела, Русија лансираше повеќе од 700 дронови и ракети во повеќе бранови, при што загинаа најмалку 18 лица. Во исто време, Украина ги засили нападите врз руската енергетска инфраструктура со дронови со долг дострел, таргетирајќи пристаништа, фабрики, магацини и нафтени терминали длабоко на руска територија.
Според проценките на Ројтерс, на почетокот на април, најмалку 20 проценти од вкупниот извозен капацитет на Русија бил надвор од функција поради тие напади. Но, енергетската криза предизвикана од војната со Иран досега ѝ донесе на Русија финансиски придобивки преку растот на приходите од нафта.






