Вишиот министер во австралиската влада Барнаби Џојс кажа дека на Асанж треба да му се суди во Британија или да е врати во матичната држава.
На 50-годишниот Асанж му се заканува екстрадиција во САД поради обвинувањата за шпионирање бидејќи Викиликс објави доверливи воени информации во 2010 и 2011 година.
Џојс истакна дека Асанж не ги украл американските досиеја и дека не бил во САД во времето кога Викиликс ги објавил.
Пратеникот на Нова Англија додаде дека притоа Асанж не прекршил ниеден австралиски закон.
„Како поединец, без оглед на тоа дали го сакате или мразите, имајќи ги предвид неговите околности, не може самиот да ги заштити своите права. Затоа мораме да се надеваме дека тоа ќе го направат британските судови, а ние во согласност со тоа ќе судиме за нивното општество“, напиша Џојс во авторски текст објавен во австралискиот весник Најн њузпејперс.
Џојс истакна дека никогаш не го запознал, но врз основа на виденото не го почитува и претпоставува дека Асанж не би му се допаднал. Но, за случајот „јасно да се согледа“, Џојс повика „да се остават на страна предрасудите и сериозните прашања кои се поврзани со постапките на Асанж“.
„Тие се одвоени од клучното прашање: каде бил поединецот кога наводно го прекршил американскиот закон поради што САД сега бараат негова екстрадиција од Лондон?“, напиша Џојс.
Асанж во изминатите две години се наоѓа во затворот Белмарш во Лондон откако речиси цела деценија се криеше во еквадорската амбасада.
На основачот на Викиликс повторно му се заканува екстрадиција откако Високиот суд минатата недела ја поништи претходната пресуда против таквиот потег.
Неговата вереница ги обвините британските власти за време на викендот дека одиграле „улога на џелат“ откако Асанж имал благ мозочен удар во затворот.






