И покрај кризата што може да ја сруши владата, „ништо не го попречува патот за усвојување на буџетот“, рече во саботата вицеканцеларот и лидер на Зелената партија, Вернер Коглер.
Важните проекти како што се проширување на јавниот превоз, финансирање дополнителни места во градинките, дигитализација на училиштата и набавка на вакцини против коронавирус зависат од буџетот, рече Коглер. „Имаме одговорност, така што тоа ќе го решиме“, додаде тој.
Во вторник на вонредна седница на парламентот ќе се гласа за недоверба на канцеларот Курц. Канцеларијата на Курц е под истрага за финансиска измама, но Курц ги отфрла обвинувањата и одбива да отстапи.
Но, Курц може да биде исфрлен од канцеларијата во вторник. Дури и Зелените, неговите коалициони партнери, веруваат дека 35-годишниот канцелар не треба да остане на функцијата и бараат негова оставка.
Сите очи сега се вперени кон австриските социјалдемократи. Се верува дека тие размислуваат за коалициски преговори со три други партии, вклучувајќи ја и контроверзната десничарска Партија на слободата на Австрија (ФПОе).
За да се случи ова, социјалдемократите треба да ја поништат својата јавна обврска според која не работат со ФПОе на сојузно ниво.
Се чини дека лидерката на социјалдемократите Памела Ренди-Вагнер ја сигнализираше таа опција кога за државната телевизија ОРФ изјави дека „вонредните ситуации бараат вонредни мерки“.
Ренди-Вагнер го опиша сојузот на четири партии – Социјалдемократите, Зелените, Либералната партија НЕОС и Партијата на слободата на Австрија – како „малку веројатно, но можно“.
Лидерот на ФПОе Херберт Кикл гласен противник на вакцинацијата против коронавирус, сигурно нема да стане министер за здравство, рече Ренди-Вагнер, додавајќи дека ќе биде подготвена да стане канцеларка доколку Курц биде отпуштен.
Другите австриски политички партии исто така преговараат за потенцијални алтернативни коалиции за да избегнат одржување предвремени избори.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц и неговите најблиски соработници се осомничени дека со парите на даночните обврзници плаќале на медиумите да објавуваат позитивни написи за Курц и неговата партија, соопштија во средата обвинителите.






