И покрај организираните лотарии каде што граѓаните што примиле вакцина може да станат сопственици на нови автомобили, станови и други подароци, третина од планираниот број сè уште не се решиле на вакцинација. Многу регионални власти ги обврзуваат вработените да се вакцинираат, а доказ за имунизација е неопходен за влез во рестораните и други јавни места, пренесува АП.
Додека многу западни земји ги укинуваат ограничувањата поради коронавирусот и планираат да се вратат во нормален живот по масовната вакцинација, Русија се бори со зголемување на инфекциите, иако беше прва во светот што одобри вакцина и беше меѓу првите што почнаа со имунизација во декември.
Дневниот број на новите случаи се зголеми од околу 9.000 во почетокот на јуни на околу 17.000, колку што беа регистрирани на 18 јуни, а вчера повеќе од 20.000. Половина од вкупниот број на новозаразените се регистрирани во Москва и Санкт Петербург.
Причината за зголемувањето на новите инфекции здравствените власти ја гледаат во непочитувањето на санитарните мерки од страна на граѓаните и во распространетоста на нови соеви на вирусот, но пред сѐ во малиот процент вакцинирани.
Само 20,7 милиони луѓе, или 14 проценти од 146 милиони жители, примиле барем една доза, а само 16,7 милиони, или околу 11 проценти, биле целосно вакцинирани.
Поради наглиот пораст на инфекциите, во најмалку 14 руски региони, од Москва и Санкт Петербург до крајниот источен регион Сахалин, овој месец беше воведена задолжителна вакцинација за вработените во одредени сектори, како што се владини канцеларии, малопродажба, здравство, образование, ресторани, фитнес-центри, салони за убавина и други услужни активности.
Московските власти соопштија дека компаниите не треба да им исплаќаат плати на вработените што не сакаат да се вакцинираат и се заканија дека привремено ќе ги суспендираат компаниите што не ја исполнуваат целта 60 проценти од работниците да добијат барем една доза до 15 јули, а двете до 15 август.
Од понеделник, во московските ресторани, кафулиња и барови ќе им биде дозволено да влегуваат само на вакцинирани лица, на оздравените од коронавирусот или на оние со негативен тест.
Градските власти воведоа ограничувања и за повеќето болнички услуги, така што нив ќе можат да ги користат целосно вакцинираните и граѓаните што имаат тестови за антитела.






