четврток, 7 мај 2026

Во разорните торнада во САД загинаа најмалку 84 лица, се трага по исчезнатите (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Во разорните торнада уништена е фабрика за свеќи во Мејфилд, Кентаки, уништен е дом за стари лица во соседниот Мисури и загинале најмалку шест работници во складиштето на Амазон во Илиноис.

Гувернерот на Кентаки, Енди Бешер рече дека ова се најразорните торнада во историјата на државата. Околу 40 работници биле спасени од фабриката за свеќи, во која се наоѓале повеќе од 100 лица, а Бешер вели дека ќе биде „чудо“ доколку спасувачите извлечат уште живи работници од урнатините.

„Веројатно ќе има повеќе од 100 животи изгубени овде во Кентаки“, рече Бешер на прес-конференција.

„Сè што им беше на патот исчезна. Куќи, фирми, владини згради – само исчезнаа“, рече Бешер откако излезе на терен.

Гувернерот прогласи вонредна состојба во Кентаки во саботата и повика на итна помош во државата.

Американскиот претседател Џо Бајден одобри прогласување на вонредна состојба во Кентаки. Бајден им рече на новинарите во саботата вечер дека ќе стапи во контакт со Агенцијата за заштита на животната средина за да ја истражи врската помеѓу климатските промени и бурите и покрена прашања за предупредувањата за торнадо.

„Имаше ли предупредувања? И дали беше доволно силно и дали се реагираше?” – се запраша Бајден. „Ова е трагедија. И сè уште не знаеме колку животи се загубени и колкава е вистинската големина на штетата”, рече Бајден.

Бешер рече дека на терен се 189 припадници на Националната гарда, а спасувачките напори се фокусирани на Мејфилд, дом на 10.000 жители.

Шефот на пожарникарите Џереми Крисон, чија пожарна станица е уништена, рече дека пожарникарите во фабриката за свеќи „морале да ги преминуваат преку жртвите за да стигнат до преживеаните”.

Пејџ Тингл рече дека возела четири часа до фабриката со надеж дека ќе ја најде 52-годишната мајка Џил Монро, која работела таму. „Не знаеме што да мислиме, страшно сме нервозни. Се обидуваме да ја најдеме, ова е катастрофа”, рече таа.

Невообичаено високите температури и влажноста во воздухот создадоа услови за екстремни временски прилики во овој период од годината, изјави Виктор Џенсини, професор по географски и атмосферски науки на Универзитетот во Северен Илиноис.

„Ова е историски, ако не и генерациски настан”, рече Џенсини.

Едно лице загина, а пет се тешко повредени откако торнадо уништи дом за стари и изнемоштени лица во Монет, Арканзас, изјави водачот на округот Крегхед, Марвин Деј.

„Благословени сме затоа што нема повеќе мртви или повредени. Можеше да биде многу полошо“, изјави Деј за Ројтерс.

Неколку километри подалеку, во Лечвил, уште едно лице загина, а голем дел од центарот на градот е опустошен, рече поручникот Чак Браун.

„Навистина звучеше како воз да помина низ градот“, рече Браун.

Најмалку шест работници загинаа во складиште на Амазон во Едвардсвил, Илиноис, а 45 се на безбедно надвор од складиштето, потврди началникот на противпожарната служба Џејмс Вајтфорд.

Тој додаде дека потрагата продолжува, но не очекува повеќе преживеани.

Најмалку три лица загинаа во невремето во Тенеси, изјави Дин Фленер, шеф на агенцијата за управување со кризи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ