Тригодишно момче било позитивно на тестирањето во близина на градот Бени, еден од епицентрите на појавата на епидемијата. Момчето почина од болеста во средата, рече министерот Мбунгани. Околу 100 луѓе кои можеби биле изложени на вирусот се идентификувани и ќе бидат следени за да се утврди дали имаат симптоми, додаде тој.
Интерниот извештај од биомедицинска лабораторија во ДР Конго покажува дека уште три деца во густо населената населба Буцили во Бени, исто така, покажале симптоми на ебола минатиот месец и починале, но никое не било тестирано.
ДР Конго досега има регистрирано 11 бранови на епидемијата откако болеста, која предизвикува силно повраќање и дијареа, а се пренесува преку контакт со телесни течности, е откриена во екваторијална шума во близина на реката Ебола во 1976 година. Повеќе од 2.200 луѓе починале во последниот бран на епидемијата (2018-2020) во источен ДР Конго.
„Благодарение на искуството стекнато во управувањето со вирусот ебола за време на претходните епидемии, уверени сме дека нашите тимови ќе можат да ја контролираат оваа епидемија што е можно поскоро“, рече Мбунгани.
Не е невообичаено поединечни случаи да се појават по голема епидемија, велат здравствените експерти. Оваа болест обично убива околу половина од заразените, иако третманите развиени по рекордната епидемија во Западна Африка (2014-2016 година) значително ги намалиле стапките на смртност кога случаите се откриваат рано.






