петок, 24 април 2026

Вирусот на грипот мутира 30 пати почесто од коронавирусот, затоа тие вакцини мора да се даваат секоја година

Објавено на

часот

Сподели

Додека човештвото се соочува со нови соеви на коронавирусот, од кои се разболуваат сѐ повеќе луѓе, руските медицински експерти планираат да произведат вакцини што ќе бидат ефикасни и против овие нови соеви. Производството може да биде и уште полесно отколку во случајот со претходните вакцини, бидејќи се базира на технологија слична на онаа што се користи во производството на вакцини против грип.

Сепак, постојат мислења дека вклучувањето на нови соеви воопшто нема да придонесе за ефикасноста на постојните вакцини, кои веќе се доволна заштита. Академик Виталиј Зверев, директор на Одделот за микробиологија, вирологија и имунологија на Универзитетот Сеченов во Москва, каде што се спроведуваат истражувања и тестирања на вакцини, тврди дека уфрлањето нови соеви нема да придонесе многу за ефикасноста, бидејќи не се менува основата на вирусот, на која лицето ја прима вакцината, развива антитела и формира имунитет. Зверев за весникот „Взглад“ изјави дека поради овие својства, вакцините, барем оние произведени во Руската Федерација, треба да делуваат против сите нови соеви.

Сепак, тој предупредува дека развојот на ситуацијата треба да продолжи да се следи, бидејќи никогаш порано за време на пандемијата луѓето не биле вакцинирани во олкава мера како денес, па затоа е сосема можно вирусот да се промени под толкав притисок на имунизација. Сега се менува само местото на врзување на коронавирусот со клеточниот рецептор, што го менува текот на болеста, инфективноста и другите својства, но сѐ уште не влијае на неговата антигенска структура.

„Вакцината против грип се ажурира од една причина – грипот се менува секоја година. Мутира околу 30 пати почесто од коронавирусот, така што секоја година понекогаш имаме иста верзија, а понекогаш и малку поинаква. Затоа вакцини против грип мора да се даваат секоја година, но што се однесува на коронавирусот – сега нема потреба од тоа, сите тие гласини се навистина претерани“, вели Зверев.

Сепак, руските научници и фармацевтскиот сектор, работејќи на создавањето нови вакцини, користат технологија слична на онаа што се користи за создавање вакцини против грип. Овие вакцини ќе содржат неколку различни соеви одеднаш, а директорот на центарот „Вектор“, Ринат Максјутов, потврди дека овој месец ќе биде регистрирана и унапредена вакцината „епивак корона Н“, која беше поднесена за регистрација под името „аурора ков“ во почетокот на јуни.

Што се однесува на новата вакцина против коронавирусот базирана на технологијата за грипот, вирусологот верува дека најверојатно тоа ќе бидат синтетички протеини што ќе можат да реплицираат одредени делови од протеинот коронавирус. Ако вирусот мутира, производителите на вакцини едноставно ќе додадат друг пептид (протеин) во вакцината. Производството на оваа вакцина лесно ќе се организира во големи количества, бидејќи технологијата е позната долго време и нејзиното производство веќе е практично воспоставено. Вакцините против грипот се произведуваат секоја година на различни платформи: од синтетички протеини на вирусот на грип до оние што се одгледуваат на протеини од пилешки ембриони или клеточни култури. Затоа, фабриките што произведуваат вакцини против грипот секоја година лесно може да се приспособат за да произведат нова вакцина против коронавирусот. Дури и тоа производство ќе оди многу полесно и побрзо од производството базирано на најновите технологии, како што е вакцината „ковивак“ од Центарот „Чумаков“, кој сѐ уште се обидува да произведува помасовно, или „Спутник V“ од Истражувачкиот центар „Гамалеја“ на руското Министерство за здравство.

Според соговорникот на рускиот весник, во овој момент нема апсолутно никаква разлика кои соеви ќе бидат вклучени во новите вакцини против коронавирусот, бидејќи делот од вирусот што сега го менува местото на врзување на вирусот со клеточниот рецептор е насочен кон производство на антитела, кои остануваат непроменети.

Научникот Зверев верува дека лицето што ќе биде вакцинирано со новите вакцини што се состојат од два или три соја на коронавирусот, нема да биде многу позаштитено од лицето што веќе е вакцинирано со „Спутник V“ или „ковивак“. Ако вирусот се промени, тогаш најверојатно ќе се промени и составот на вакцината. Кон крајот на јуни, Александар Гинзбург, директор на Истражувачкиот центар за епидемиологија и микробиологија Гамалеја, рече дека ако постојните руски вакцини не обезбедат доволно антитела против новите соеви, ќе биде потребна една недела за да се создаде нова вакцина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ