Греам Џорџ Спенсер, британски државјанин кој живее во Сингапур, рече дека за време на неговата утринска прошетка во паркот бил бркан од семејство видри и го гризнале „26 пати за 10 секунди“.
Тој изјави дека на 30 ноември се приближувал кон влезот на Ботаничката градина, кога забележал дека пред него минуваат 20-тина видри. Животните прво се однесувале мирно, но во еден момент друг маж кој трчал во нивна насока ги преплашил. Тркачот успеал да ги избегне животните, но Спенсер немал толку среќа, пишува Гардијан.
Тогаш вознемирените видри го нападнале Спенсер и го касале за глуждовите, нозете и задникот, по што паднал на земја.
„Мислев дека ќе умрам, дека ќе ме убијат“, рече тој.
За среќа, во близина бил неговиот пријател, кој набрзо притрчал и почнал да вика на видрите и ги избркал.
„Ме каснаа 26 пати за 10 секунди. Да не беше мојот пријател, мислам дека немаше да бидам тука. Ќе бев мртов“, рече Спенсер.
Вработените во паркот му пружиле прва помош на Британецот, кој потоа со автомобил отишол во блиската болница и примил вакцина против тетанус и му биле дадени антибиотици. Три пати морал да се враќа во болница за да му ги преврзат раните. Медицинските трошоци го чинеле околу 1.200 долари.
Експертите проценуваат дека во Сингапур живеат околу 10 семејства на видри или вкупно околу 90 животни. Вашингтон пост вели дека тие често можат да се видат во болничките дворови, како пијат на јавни фонтани или покрај базени во станбени згради.
Иако речната видра изгледа безопасна, понекогаш може да ги нападне луѓето. Седумдесет и седумгодишен маж, наводно, бил каснат за нога од видра додека вежбал во близина на реката Каланг во Сингапур во мај.
Бернард Сиа, член на организацијата Отервоч и Работната група за видри која ја надгледува нивната популација во ботаничките градини во Сингапур, рече дека тоа семејство на видри, наречено „семејство Зук“, редовно ги посетува градините и веројатно го нападнало Спенсер од страв.
„Со оглед на тоа дека било рано наутро, можеби било темно, што ги збунило видрите. Човекот веројатно бил само жртва на околностите“, рекол Сеа.
Комитетот за национални паркови во Сингапур издаде совет за тоа што да се прави при средба со видра.
„НЕ ги допирајте. Набљудувајте ги од далечина. Ако им пријдете, тие би можеле да се исплашат“, се вели во советот на Комитетот.






