Министерот за односи со ЕУ, Дејвид Фрост на конференција на владејачката Конзервативна партија рече дека ќе претстави нов сет правни текстови за претходните владини предлози за промена на т.н. Протокол за Северна Ирска.
Фрост не кажа кога владата ќе го активира членот 16, кој им овозможува на двете страни да преземат еднострани чекори доколку веруваат дека протоколот има негативно влијание, но медиумите известуваат дека тоа може да се случи до крајот на следниот месец.
ЕУ оцени дека ова „воопшто нема да биде од помош“ и рече дека во тој случај ќе ги разгледа сите опции.
„Ако наскоро не се постигне договорно решение, ќе мора да дејствуваме, користејќи го заштитниот механизам од членот 16 за да се справиме со влијанието што протоколот го има врз Северна Ирска“, рече Фрост на партиската конференција во Манчестер.
„Тоа на крајот може да биде единствениот начин да ја заштитиме нашата земја, нашиот народ, нашата трговија, нашиот територијален интегритет, мировниот процес и придобивките од ова големо Обединетото Кралство чиј дел сме сите ние“.
Откако Велика Британија го напушти европскиот пазар претходно оваа година, тешкотиите во испраќање на одредени видови стока од копно во Северна Ирска ја натераа британската влада да бара измени во протоколот.
ЕУ одговори дека нема повторно да преговара за договорот што двете страни го потпишаа во добра волја и ја повикува Британија да пронајде решенија наместо да се заканува.
Фрост рече дека владата сакала да договори „нешто подобро“ од протоколот, со кој се воспостави де факто царинска граница меѓу Британија и Северна Ирска и нагласи дека ќе дејствува независно за да го заштити мирот на ирскиот остров.
Тој ја обвини ЕУ дека со „премногу строги постапки“ ја загрозува деликатната рамнотежа воспоставена со мировниот договор постигнат на Велики петок во 1998 година, со што заврши тридеценискот насилство.
„Да, се согласивме на протоколот таа тешка есен 2019 година. Знаевме дека ризикуваме, но мислевме дека вреди да се ризикува“, рече тој.
„И од почетокот, се плашевме дека протоколот нема да ги реши работите ако не се постапува внимателно. Излезе дека сме во право. Договорите почнаа да се распаѓаат и побрзо отколку што стравувавме“.






