Се вели дека Газа би била претворена во „протекторат“ со кој САД би администрирале најмалку 10 години, а една од целите е палестинската енклава да се претвори во туристичко одморалиште и технолошки центар, слично на претходната идеја на Трамп за „блискоисточна ривиера“.
Планот исто така вклучува раселување на два милиони Палестинци преку „доброволни заминувања“ во други земји или во „оградени безбедносни зони“ во рамки на енклавата додека трае реконструкцијата, објави Вашингтон пост.
Се додава дека Газа ќе биде управувана од организација наречена „ГРЕЈТ Траст“, а жителите на Газа кои поседуваат земјиште би добиле „дигитален токен“ во замена за правото за развој на нивната земја.
Тие би можеле да го користат „токенот“ за да започнат живот на друго место или да го заменат за стан во еден од шест до осум нови „паметни градови“ планирани за изградба во Газа.
Вашингтон пост објавува дека предлогот го развиваат некои од Израелците кои ја основаа американско-израелската Хуманитарна фондација за Газа (ГХФ), која дистрибуира храна во енклавата, а наиде на критики од голем број хуманитарни организации, вклучувајќи ги и Обединетите нации.
Канцеларијата за човекови права на ОН вели дека повеќе од 1.000 Палестинци се убиени додека чекале во редовите за храна во близина на центрите на ГХФ.






