На конференцијата за новинари по Меѓувладината конференција на која Србија го отвори Кластерот четири во пристапните преговори со ЕУ, Вархеји кажа дека Европската комисија ќе продолжи да прави сè што може за да го забрза процесот на пристапување на Србија и на целиот регион.
Премиерката на Србија Ана Брнабиќ кажа дека денешниот ден за Србија е пресвртница во процесот на европските интеграции и додаде дека отворањето на Кластерот четири е „голем и важен чекор и голем успех“ на што „им честиташе на граѓаните, владата и претседателот на Србија“.
Брнабиќ потсети дека новата методологија на проширување на ЕУ значи политичко управување со процесот на европските интеграции и додаде дека тоа, „особено во областа на владеењето на правото, очигледно дало резултат“.
Брнабиќ изрази очекување дека Србија следната година ќе го отвори Кластерот три и ќе се подготви за отворање на Кластерот пет и додаде дека понатамошниот фокус ќе биде на реформите во областа на владеењето на правото и заштитата на животната средина, како и дека приоритетите на Србија остануваат дијалогот со Приштина, регионалната стабилност, економијата и постепеното усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.






