Главниот обвинител Руслан Кравченко изјави дека и електраната Чернобил и нуклеарната централа Хмељницки со два реактори се наоѓале на патеката на летот на руските хиперсонични ракети „кинжал“ од почетокот на рускиот напад.
Кравченко рече дека во радиус од околу 20 километри од објектот во Чернобил и електраната Хмељницки се пронајдени триесет и пет „кинжали“.
„Ваквите лансирања не можат да се објаснат со никакви воени причини. Очигледно е дека летањата над нуклеарните постројки се вршат исклучиво со цел заплашување и терор“, рече Кравченко.
Додаде дека ракети „кинжал“ три пати за време на летот паднале на земја на околу 10 километри од електраната Хмељницки.
Кравченко рече дека не знае зошто ракетите паднале и дека на нивните остатоци немало траги дека биле соборени.
Тој изјави дека од јули 2024 година, кога Русија ги засили нападите со беспилотни летала, радарите откриле најмалку 92 руски дронови во радиус од пет километри од електраната Чернобил.
Руското Министерство за одбрана не даде коментар за Ројтерс за наводите на украинскиот обвинител.
Меѓународната агенција за атомска енергија во коментар до агенцијата изјави дека често пријавува воени активности во близина на нуклеарни централи и напади врз трафостаниците кои се клучни за нуклеарната безбедност.
Во април 1986 година, експлодираше реакторот во електраната во Чернобил, предизвикувајќи голем пожар.
Реакторот со своето стопено јадро и радиоактивен материјал е изолиран со бетонски саркофаг, на кој во 2019 година е додадена челична конструкција за поголема безбедност.






