Хрватскиот јазик во Србија не постои, предупреди во изјава претседателот на Демократскиот сојуз на Хрватите во Војводина (ДСХВ) Томислав Жигманов, додавајќи дека тоа е „врвот на сантата мраз на социјалниот контекст кој поприлично ја отежнува позицијата на Хрватите во Србија“.
Како што пренесуваат хрватските медиуми, во учебникот по граматика на група автори, за ученици од осмо одделение, се наведува дека српскиот, словенечкиот, македонскиот и бугарскиот јазик припаѓаат на групата јужнословенски јазици, „а дека Хрватите, Бошњаците и некои Црногорци српскиот јазик го нарекуваат хрватски, босански, бошњачки и црногорски“.
„Парадоксално е тоа што во Србија се оспорува хрватскиот, кој е еден од јазиците на Европската Унија, а статус на службен јазик му се доделува на таканаречениот буњевачки јазик, кој никаде во светот не е признат и не може да биде признат како јазик. Тоа е парадоксот кој ние во Србија го живееме“, кажа Жигманов.
Додаде дека негирањето ан самостојноста на хрватскиот литературен јазик постои како тренд, кој и во политички и во културен контекст во Србија континуирано се појавува.
„Со тоа се продлабочува негативната слика за сè што доаѓа од Хрватска – сè е спорно или помалку вредно, дури непостоечко. Тоа е, нормално, далеку од вистината, но е дел од нашите идеолошки рамки во кои живееме“, заклучи Жигманов.






