Градскиот совет на Вашингтон едногласно ја усвои одлуката за дел од авенијата Њу Хемпшир во должина од 213 метри, која се протега помеѓу амбасадата и комплексот Вотергејт симболично да го именува делот по Кашоги, саудискиот новинар и дисидент кој работеше за Вашингтон пост во времето кога беше убиен во Турција.
„Со именувањето на улицата каде што се наоѓа амбасадата на Саудиска Арабија во чест на Џамал Кашоги, Вашингтон му подига споменик кој не може да се избрише“, се вели во соопштението на градското собрание на Вашингтон.
Се очекува оваа одлука да ја потпише градоначалничката на Вашингтон, Муриел Баузер и да не наиде на приговори во американскиот Конгрес, кој ги потврдува сите одлуки на властите на главниот град на САД.
Кашоги, истакнат критичар на владата во Ријад, беше убиен во саудискиот конзулат во Истанбул во октомври 2018 година.
Ријад рече дека поранешниот новинар на Вашингтон пост бил убиен во „одметничка операција“ од агенти испратени да го убедат да се врати во Саудиска Арабија.
Сепак, турските власти тврдат дека агентите дејствувале по наредби од највисоките нивоа на саудиските власти.






