Како одговор на прашање од Би-би-си за новата улога на Џеф Ландри, републиканскиот гувернер на Луизијана, кој е назначен за специјален пратеник за Гренланд, тој рече дека Вашингтон „ќе мора да го реши тоа“ и дека на САД „им е потребен Гренланд за националната безбедност, а не за минерали“.
Американскиот претседател предизвика нов спор со Данска откако го назначи гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, за специјален пратеник за Гренланд, огромен арктички остров за кој рече дека сака да го анектира.
Премиерите на Данска и Гренланд, Мете Фредериксен и Јенс-Фредерик Нилсен, во заедничка изјава го повторија своето барање за почитување на нивните граници, откако Ландри претходно изјави дека е „почестен што служи за Гренланд да стане дел од Соединетите Американски Држави“.
„Го кажавме тоа и претходно, а го повторуваме и сега. Националните граници и суверенитетот на државите се засноваат на меѓународното право. Не можете да анектирате други земји“, рекоа премиерите во заедничка изјава, според Гардијан.
Тие додадоа дека во прашање се „фундаментални принципи“.
„Гренланд му припаѓа на народот на Гренланд и САД не треба да го преземат Гренланд. Очекуваме да се почитува нашиот заеднички територијален интегритет“, се вели во соопштението.
Претходно, данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен рече дека неговата земја инсистира дека сите, вклучително и САД, мора да го почитуваат „територијалниот интегритет на Кралството Данска“.
Портпаролот на ЕУ Ануар Ел Ануни исто така реагираше на изјавата на Ландри, велејќи дека територијалниот интегритет и суверенитетот на Кралството Данска мора да се зачуваат.
На почетокот на својот втор претседателски мандат, во јануари оваа година, Трамп ја објави својата намера да го преземе Гренланд, наведувајќи ја неговата стратешка позиција за безбедноста на САД, додека Данска, која ја контролираше арктичката територија во последните 300 години, одби да се откаже од Гренланд.
Ова не е прв обид на САД да го купат Гренланд од Данска, а првите такви преговори ги водеше американскиот државен секретар Вилијам Х. Сјуард во 1867 година, кога не беше постигнат договор.
Во 1946 година, САД понудија 100 милиони долари за територијата, оценувајќи ја како витална за националната безбедност, но данската влада го отфрли.
Трамп исто така се обиде да го купи Гренланд за време на својот прв претседателски мандат, но данската и гренландската влада ја отфрлија таа понуда во 2019 година.






