Во соопштението на албанското министерство се наведува дека Албанија особено ја загрижуваат извештаите за српските воени сили упатени, како што се истакнува, „во близина на границата со Косово“ и воените авиони кои летаат блиску и над „воздушниот простор на Косово и предизвикуваат тензии“.
Тие тензии, наведува албанското министерство, поттикнуваат поединци да предизвикуваат немири и насилство и имаат цел да го дестабилизираат Косово.
Таквите постапки, тврди албанското министерство, е во спротивност со меѓународните договори чија цел е осигурување безбедност и стабилност во тој дел од регионот.
„Министерството ја повикува Србија да ги повлече своите оружени сили распоредени во близина на границата на Косово и да работи на итна деескалација“, се наведува во соопштението.
Во соопштението се додава и дека Тирана е загрижена поради ескалацијата на ситуацијата на северот на Косово и најостро се осудуваат вандалските дела извршени на северот на Косово каде „поединци запалија канцеларија за регистрација на возила во Зубин Поток и оштетија слична канцеларија во Звечан“.
Ништо не може да ја оправда употребата на насилство, нанесувањето штета на јавниот имот и непочитувањето на владеењето на правото, оценува албанското министерство, повикувајќи извршителите да се изведат пред лицето на правдата.
Се повикува сите актери да бидат воздржани и веднаш да се вратат на дијалогот како единствен начин во билатералните и мултилатералните обиди да се решат нерешените прашања во „духот на соработката на кој Албанија е неповратно посветена“.






