Сенатот гласаше со 51 наспроти 47, речиси целосно по партиски линии, за процедуралната мерка со која се блокира резолуцијата за воени овластувања, при што членовите на партијата на Трамп тврдеа дека САД во моментов не се вклучени во непријателства против Куба.
Републиканскиот сенатор Рик Скот од Флорида, кој ја иницираше постапката со која резолуцијата е запрена, рече дека гласањето за воени овластувања е несоодветно бидејќи Трамп не распоредил војници.
Демократскиот сенатор Тим Кејн од Вирџинија, еден од главните застапници на мерката, тврдеше дека американксите напори за запирање на испораките на гориво на островот, кој е под комунистичка власт, претставуваат воена акција.
„Ако некој им го направи на Соединетите Американски Држави она што ние ѝ го правиме на Куба, дефинитивно би го сметале тоа за чин на војна“, рече Кејн во говорот во Сенатот пред гласањето.
Под водство на Трамп, американските сили извршија напади врз бродови покрај брегот на Венецуела и влегоа во Каракас за да го заробат претседателот Николас Мадуро, и водат војна со Израел против Иран од 28 февруари, сето тоа без одобрение од Конгресот.
Трамп изјави дека „Куба е следна“, без да прецизира што планира да прави со неа, но честопати тврдеше дека нејзината влада е на работ на колапс.
Демократите постојано се обидуваа, безуспешно, и во Сенатот и во Претставничкиот дом, да го принудат Трамп да побара одобрение од Конгресот за воени операции.
Републиканците, кои имаат тесно мнозинство во двата дома, речиси едногласно ги отфрлија ваквите резолуции, обвинувајќи ги демократите дека го користат Законот за воени овластувања за да го ослабат Трамп.
Иако Уставот на САД предвидува дека Конгресот, а не претседателот, може да објави војна, тоа ограничување не се однесува на краткорочни операции или за одговор на непосредна закана.
Белата куќа тврди дека одлуките на Трамп се во согласност со неговите права и обврски како врховен командант да ги заштитува Соединетите Американски Држави.






