Протестот започна пред пакистанската амбасада во Кабул против, како што велат демонстрантите, мешањето на Пакистан во прашања на Авганистан, а особено против наводната поддршка на Исламбад за најновата офанзива на талибанците, во која продреа во провинцијата Панџшир, а потоа ја освоија.
Според извештајот на телевизијата Толо, еден од уапсените новинари е нивниот снимател Вахид Ахмади.
Еден авганистански новинар, кој бил меѓу приведените и кој подоцна бил ослободен, за АП изјави дека талибанците го казниле.
„Ме натераа да го тријам носот од земја и да се извинам што го следев протестот. Новинарството во Авганистан станува сè потешко“, рече новинарот.
Откако талибанците ја презедоа контролата над Авганистан, имаше извештаи дека талибанците тепале и им се заканувале на новинари.






