„Кундуз падна. Талибанците ја презедоа контролата над сите клучни згради во градот“, изјави дописник на АФП од Кундуз, кој трипати паднал во рацете на бунтовниците од 2015 година.
Локален претставник за Би-би-си изјави дека владините сили единствено го држат аеродромот. Очевидци известуваат за хаотични сцени – бројни згради и продавници горат, а знамето на талибанците е подигнато во центарот на градот. Во главниот град на северозападната покраина Сари Пул продолжуваат борбите, бидејќи Талибанците влегоа во центарот на градот и сега се водат борби од улица до улица, изјави Азиза Џалис, пратеничка во парламентот.
VIDEO: Airstrikes reported after #Taliban take control of #Kunduz. Battles rage for #Herat and #SariPul. pic.twitter.com/nc10e51baE #Afghanistan ?? #Biden #NATO
— Sam Pye (@freddie1999) August 8, 2021
Сместен на 300 километри северно од Кабул и 50 километри јужно од границата со Таџикистан, Кундуз е третиот главен град што го заземаа Талибанците од мај кога започна последната фаза од повлекувањето на американските сили од Авганистан. Талибанците во петокот го зазедоа Заранџ, главниот град на провинцијата Нимроз во југозападниот дел на земјата и Шеберган, главниот град на покраина на север.
Судирите меѓу авганистанските владини сили и талибанците се интензивираат низ целата земја паралелно со повлекувањето на Американците по 20 години присуство во земјата каде што режимот на талибанците беше соборен во 2001 година по терористичките напади на 11 септември.
Талибанците окупираа огромни рурални области во последните три месеци, а цивилите избегаа од некои области со што се создаде нова бегалска криза. Сега овие бунтовници против меѓународно признатата влада ја насочуваат својата офанзива кон поголемите градови и ги опколија и Кандахар и Херат, вториот и третиот по големина град во земјата.
„Поради постојаната пропаганда на талибанците, авганистанските безбедносни сили го губат моралот“, изјави за Франс прес висок функционер од покраината Нимроза, кој сакаше да остане анонимен.
„Дури и пред нападот на талибанците, бројни припадници на авганистанските сили го предадоа оружјето, ги соблекоа униформите, ги напуштија своите позиции и побегнаа“, додаде официјалниот претставник. Активистот Расих Мароф за АФП во телефонски разговор од Кундуз изјави дека владините сили жестоко се бореле за да го спречат продорот на талибанците.






