Досега, според него, има мало зголемувања на цените, позначително кај берзанските производи.
„Кај останатите производи, според анализата што ја направивме за периодот од 1 февруари до 1 април, зголемувањето е минимално, што не е значајно за инфлацијата“, рече Дурмиши, на новинарско прашање по седницата на Економско-социјалниот совет.
Прашан дали смета дека не треба да има мерки во услови на сегашната инфлација посочи дека треба да се гледа од каде доаѓа инфлацијата и оти цените на основните прехранбени производи, каде што имаат надлежност и механизми, се под контрола.
„Од други причини, доколку се утврдат, нормално дека ќе реагираме, исто како што реагиравме и во изминатиот период“, посочи Дурмиши.
Како што рече, постојано се работи на анализа и следење на пазарните движења. Во соработка со Државниот пазарен инспекторат направена е анализа на 55 најосновни прозводи од четири трговски синџири во периодот од 1 февруари до 1 април 2026 година. Резултатите покажуваат минимален пораст на продажните цени од 0,4 проценти, додека набавните цени пораснале за 1 процент, а истовремено просечната бруто профитна маржа од страна на трговците е намалена од 16 на 15 проценти, што, истакна Дурмиши, покажува дека и тие презеле товар да излезат во пресрет во тековната криза и да бидат стабилни цените. Кај основните прехранбени производи има благ пораст од 0,45 проценти, најмногу кај јајцата, сирењето, маслото и киселото млеко, но, истакнува, тоа се берзански производи. Кај овошјето и зеленчукот има намалување од 0,86 проценти, а кај безалкохолните за 1 процент, додека кај хигиенските производи, пораст од 1,4 проценти.
„Со анализите што ги имаме ја гледаме бруто профитната маржа на трговците. Пазарните инспектори ги контролираат секојдневно. Ако има девијантно однесување од страна на трговците и зголемување на маржата надвор од тоа што покажуваат податоците од пазарната економија, нормално дека ќе реагираме со конкретни мерки, како што реагиравме со ограничување на маржата на ѓубривото, каде трговците беа фатени дека ја зголемуваат маржата. Исто така, вчера имавме состанок со трговците што продаваат автоплин, каде беше евидентирано дека има зголемување на маржата од 22 проценти. Разговаравме со нив и веднаш по состанокот, ги намалија цените, односно направија маржа од 5 проценти во големопродажба и 5 проценти на малопродажба. Тоа се случуваше. Да не се случеше ова, ќе одевме со конкретни мерки“, рече Дурмиши.
Тој најави дека на наредната седница на ЕСС ќе биде усвоена просечната потрошувачка кошничка што ја пресметува Владата и оти таа, како што рече, ќе биде пониска за 13 проценти од таа што ја пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија.
„Ние имаме направено методологија за пресметка на просечната и минималната потрошувачка кошничка. Некои ставки од методологијата ги оспоруваме, како и пресметките што ги прават синдикатите, каде има повеќе разлики. Нашите анализи покажуваат дека нашата пресметка е околу 13 проценти пониска. Во наредниот период ќе работиме со релевантните институции, особено со статистика, за да се подобри навременоста на податоците, со цел да можеме точно и навремено да ја објавуваме потрошувачката кошничка за секој месец. Во моментов имаме податоци за февруари, делумно и за март и април, но сметаме дека тие информации не треба да се објавуваат во јавноста пред да бидат потврдени од релевантните државни институции“, изјави Дурмиши.






