Во објава на својата мрежа Трут соушл, тој тврдеше дека неговите „миночистачи го чистат теснецот токму сега“.
„Ѝ наредив на морнарицата на САД да пука и да го уништи секој брод, без разлика колку е мал (СИТЕ нивни воени бродови, сите 159, се на дното на морето!), што поставува мини во водите на Ормускиот теснец. Нема двоумење. Исто така, нашите миночистачи го чистат теснецот токму сега. Со ова наредувам таа активност да продолжи, но на тројно зголемено ниво! Ви благодарам за вашето внимание на ова прашање“, рече Трамп.
Постојат стравувања дека Иран ја минирал оваа клучна поморска рута, иако ова сè уште не е потврдено.
Доколку ова се покаже како вистина, на долг рок би можело да го запре сообраќајот низ теснецот, низ кој поминува околу една петтина од светската трговија со нафта и течен природен гас во мирно време, дополнително нарушувајќи ја глобалната економија.
Трамп наскоро објави нов статус во кој наведува дека иранскиот режим не знае кој му е лидер и дека Ормускиот теснец ќе биде затворен „сè додека Иран не биде подготвен да склучи договор“.
„Иран силно се мачи со тоа кој му е лидер! Тие едноставно не знаат! Конфликтите во земјата меѓу „тврдокорните“, кои тешко губат на бојното поле, и „умерените“, кои воопшто не се толку умерени (но добиваат на углед!), се апсолутно ЛУДИ! Имаме целосна контрола врз Ормускиот теснец. Ниеден брод не може да влезе или излезе без дозвола од американската морнарица. Теснецот е „целосно затворен“ сè додека Иран не е подготвен да склучи договор!!! Ви благодарам за вашето внимание на ова прашање“, рече американскиот претседател Доналд Трамп во својот најнов статус на социјалната мрежа Трут соушл.






