Холандската телевизија „НОС“ пренесува писмо од талибанците во кое се вели дека преведувачите се кријат, но дека „членовите на нивните семејства ќе одговараат доколку тие не се појават на суд и ќе бидат казнети за да можат другите предавници да извлечат поука“.
Истиот извор наведува дека државјанинот на Авганистан што добил писмо од талибанците работел за Европол во Авганистан и дека е обвинет за земање „нечесни и забранети пари“ од странци.
„Ќе се одмаздиме и ако не можеме да стигнеме до тебе, сѐ ќе решиме со твојот ближен“, пишува во писмото до друг преведувач кого талибанците го обвиниле за убиство на некои од нивните борци.
Холандската медиумска куќа додава дека контактирале со десетина преведувачи или луѓе што работеле за Холанѓаните и дека сите изјавиле дека се во тешка ситуација.
Во јуни талибанците побараа од преведувачите што работат за странските сили да се покајат и да останат во Авганистан по повлекувањето на странците, со гаранции дека нема да бидат повредени.
Талибанците веднаш по преземањето на власта прогласија општа амнестија за авганистанските службеници и воени претставници.
Сепак, и покрај ветувањата дека нема да има одмазда, доверлив извештај на ОН вели дека талибанците трагаат по луѓето што работеле за странските сили.






