Тајванското министерство за одбрана објави дека авионите, меѓу кои имало и бомбардери со нуклеарен капацитет, вчера наутро и синоќа во два брана влегле во таканаречената Идентификациска зона на воздушна одбрана (Адиз), пренесува АФП.
Демонстрацијата на сила следува неколку дена откако Пекинг ја обвини Велика Британија дека испратила воен брод во Тајванскиот теснец со „зли намери“.
Присуството на 22 ловци, два бомбардери и еден авион против подморници во Идентификациската зона на воздушната одбрана вчера наутро ги натерало тајванските сили да ги кренат во воздух своите авиони и да им наредат на кинеските летала да ја напуштат областа. Ноќеска, уште една група од 13 авиони влезе во зоната, што е вкупно 38 авиони, соопшти тајванското министерство за одбрана.
Идентификациската зона на воздушна одбрана е област надвор од територијата и воздушниот простор на земјата, но каде што странските авиони сепак се идентификуваат, следат и се контролираат во интерес на националната безбедност. Зоната е самопрогласена и технички останува меѓународен воздушен простор, вели Би-би-си.
Кина често ја напаѓа таа тајванска зона, каде што Пекинг сака да покаже сила. Годинава беа регистрирани повеќе од 500 упади во споредба со 380 минатата година.
Кина го гледа островот, со кој сега владее демократски режим, како одметната провинција што треба да се врати во Кина.
Пекинг го засилува притисокот врз Тајван од 2016 година и изборот на претседателот Цаи Инг-вен, кој ја отфрла визијата на Пекинг дека островот е дел од обединета Кина.






