Маск е и основач и директор на ракетната компанија Спејсекс, а ја предводи и стартап компанијата Неуралинк, која развива чипови предвидени за вградување во мозокот и е коосновач на Пејпал.
Пазарната вредност на Тесла годинава надмина билион долари (илјада милијарди), со што стана повредна од Форд и Џенерал моторс заедно.
Едвард Фелсентал, уредникот на Тајм, наведе дека Маск е прогласен за личност на годината поради носењето решенија за клучните прашања со кои се соочува светот и лидерството во најтешките општествени трансформации.
„Личност на годината е ознака за влијанието, а ретки се лицата кои имаат повеќе влијание од Маск на животот на Земјата, а можеби и на животот надвор од Земјата“, напиша Фелсентал. „Во текот на 2021 година, Маск се истакна не само како најбогата личност на светот туку можеби и како најбогат пример за огромната промена во нашето општество“.
Тој додаде дека авантурите на Маск во вселената се по стапките на првата личност на која Тајм ја доделил таа титула – Чарлс Линдберг, избран во 1927 поради првиот лет со авион преку Атлантскиот Океан.
Тајм за личност на годината ги прогласува оние кои влијаеле врз медиумскиот простор или животите на луѓето, без оглед дали на добар или лош начин – титулата во 1938 година ја доби и Адолф Хитлер, а Јосиф Сталин дури двапати, во 1939 и во 1942 година.
Минатата година таа титула ја добија американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис. Во минатото за личност на годината се прогласувани и основачот на Амазон Џеф Безос и на Фејсбук Марк Закерберг.
Еколошката активистка Грета Тунберг стана најмладата личност која ја добила оваа титула во 2019 кога имаше 16 години.






