четврток, 7 мај 2026

СЗО: Со сегашната динамика Африка 70 отсто вакцинирани ќе има дури во 2024

Објавено на

часот

Сподели

Прагот од 70 отсто се смета за пресуден за контролирање на пандемијата, потсети подрачната канцеларија за Африка на СЗО во рамки на редовната прес-конференција.

Но, до 13 декември само дваесет африкански земји вакцинирале барем 10 отсто од населението, а само шест достигнале 40 отсто и две (Маурициус и Сејшели) 70 отсто.

„Со ваква динамика СЗО оценува дека ќе треба да се чека до мај 2022 за Африка да има 40 отсто вакцинирани и до август 2024 за да достигне 70 отсто“, додаде африканската канцеларија на СЗО.

„Но, можеме да спасиме уште многу животи ако на почетокот на 2022 го забрзаме ритамот на вакцинирање“, оцени неговата директорка Матсхидисо Моети.

СЗО-Африка воедно додаде дека минатата недела бројот на заразените со ковид-19 скокнал за 83 отсто, што се припишува на новиот сој омикрон, кој беше откриен на 24 ноември во Јужна Африка.

„Бројот на новозаразените се удвојува секои пет дена, што е најбрзиот ритам од почетокот на годината“, предупреди СЗО, но во продолжението наведе дека сепак „има помалку мртви“ отколку во претходното ширење на епидемијата. „Бројот на починати е помал дури за 19 отсто во однос на претходната недела“.

„Мислиме, со внимателен оптимизам, дека бројот на починати и тешко болни ќе биде низок во овој бран, но поради бавноста на вакцинирањето во Африка ќе биде многу поголем од што би требало да биде“, оцени Моети.

Пријавени се над 2.700 случаи на варијантата омикрон во 59 земји во светот, па и во 11 африкански, кои имаат 33 отсто од вкупниот број заразени, наведува СЗО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ