Такеши Касаи, регионален директор на СЗО за Западен Пацифик, истакна дека бројот на ковид-заразените и починатите во азиско-пацифичките земји „нагло расте“, главно поради многу заразниот делта-сој на коронавирусот.
Во првите три недели од август регионот имаше 10 проценти од глобалните инфекции со ковид-19 и повеќе од осум проценти од глобалните смртни случаи, додаде тој.
„Во оваа критична фаза на пандемијата ќе продолжиме да работиме заедно“, рече Касаи на онлајн прес-конференција.
„Во наша моќ е да ја намалиме заканата од вирусот со тоа што максимално ќе ја искористиме секоја алатка што ја имаме денес за да се бориме против него.“
Со брановите коронавирус во неколку земји во регионот, во наредните месеци се можни две сценарија, рече Касаи.
Во првото сценарио ризикот од ковид-19 може да се намали и со него да се справуваме како со сезонскиот грип и други болести што може да се спречат со вакцинација, превентивни мерки и кратки, насочени мерки против жариштата, рече тој.
„Во второто сценарио, може да се развијат уште поопасни соеви, соеви што се шират уште полесно, предизвикуваат посериозни болести или се отпорни на постојните вакцини“, додаде тој.
Касаи предупреди дека второто сценарио „и сите поврзани здравствени, социјални и економски трошоци треба да се избегнат ако е можно“.
„Најдобар начин е да сториме сѐ што можеме за да го ограничиме ширењето веднаш.“






