Стотици демонстранти кои се противат на строгите владини антиковид мерки се судрија денес со полицијата во третиот таков инцидент во Љубљана во последните месец дена.
Лидерите на ЕУ денес пристигнаа во Словенија каде утре ќе се одржи самитот ЕУ-Западен Балкан.
Протестот не е директно врзан за ЕУ самитот, но лидерите на протестот очигледно ја искористија приликата за да добијат поголемо медиумско внимание од новинарите кои го покриваат тој настан.
[video:https://youtu.be/-5ohsPVN9SI autoplay:0]Словенечката влада одлучи да го ограничи движењето во Љубљана, на Блед и околу конференцискиот центар на Брдо кај Крањ за време на самитот ЕУ-Западен Балкан од страв најавените протести да не го нарушат собирот кој се смета за кулминација на словенечкото претседателство со ЕУ.
Словенечката полиција постави контролни пунктови и ги ограничи сообраќајот и движењето во Љубљана и на Брдо кај Крањ каде што ќе се одржи самитот.
[video:https://youtu.be/YFH6aXgpRYo autoplay:0]Лидерот на демонстрантите според извештаите е приведен, а полицијата сопрела околу 30 автобуси кои довезувале демонстранти од други словенечки градови.
Демонстрантите носеле плакати со натписи „Стоп на корона фашизмот“ и барале еднакви права за вакцинираните и невакцинираните.
Словенечките власти воведоа задолжителни ковид пропусници, вклучувајќи за одење на работа во сите државни компании. Луѓето мора да покажат дека се или целосно вакцинирани, или дека направиле скап ПЦР тест.
[video:https://youtu.be/d-EoC6cp6Kg autoplay:0]Како и голем дел од централна и источна Европа Словенија во последните недели бележи нов скок на заразата со коронавирусот. Во земјата се вакцинирани помалку од 48 отсто од населението, што е помалку од повеќето ЕУ земји.
Одлуката е донесена откако за денес беше најавен нов масовен протест против воведувањето на задолжителните ковид пропусници, а демонстрантите навестија дека ќе се обидат да го попречуваат самитот со блокирање на пристапните патишта.






