„Не било потешко од крајот на Студената војна“, кажа денес Столтенберг пред дводневниот самит на министрите за одбрана на членките во Брисел.
Претходно месецов НАТО избрка осум Руси акредитирани во Северноатлантската алијанса, обвинувајќи ги дека се разузнавачки агенти. НАТО исто така го преполови бројот на акредитирани места за Русија.
Москва одговори со повлекување на своите дипломати од мисијата во НТО и затворање на канцеларијата на Алијансата во Москва, обвинувајќи ги дека НАТО не сака дијалог и истакнувајќи дека не дале докази за наводното шпионирање.
„Сè уште имаме патишта и канали за комуникација со Русија, но жалиме поради одлуката на Москва да ја затвори канцеларијата на НАТО, и да ја повлече својата мисија“, кажа Столтенберг.
„Пристапот на НАТО кон Русија останува ист како претходно, што значи одвраќање и одбрана, во комбинација со напори да се води суштински дијалог“, додаде тој.
Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп Каренбауер изјави дека руската мисија во НАТО спроведувала разузнавачки активности под маската на својот дипломатски статус.
„Ова не е ново однесување“, кажа таа.
Најновиот спор меѓу НАТО и Русија не е на дневниот ред на самитот во Брисел, каде се очекува министрите за одбрана да разговараат за „главниот план“ за одбрана на Алијансата од каков било потенцијален руски напад.
Членките на воениот пакт ќе разговараат и за други прашања, вклучувајќи ја заедничката одбранбена стратегија, загриженоста околу растот на влијанието на Кина, неуспехот во Авганистан и вложувањата во нови технологии.






