„Одлуката не е поврзана со некој посебен настан, но откривме дека станува збор за непријавени руски разузнавачи, прикриени, и забележавме зголемување на злонамерните активности на Русија, барем во Европа. Затоа, моравме да дејствуваме“, рече Столтенберг пред новинарите еден ден по објавувањето на таа одлука.
Вчера НАТО ги одзема акредитациите за осум членови на руската мисија во Алијансата, наведувајќи дека тајно работеле како разузнавачки агенти. Алијансата, исто така, го намали бројот на позиции на кои Русија може да акредитира своите претставници во НАТО, од 20 на десет.
„Односите НАТО-Русија се на најниска точка од крајот на Студената војна. Ова се должи на однесувањето на Русија. Ги видовме нивните агресивни акции, не само против Украина, туку и значајното зголемување на воените сили и кршење на важни договори за контрола на вооружувањето“, рече Столтенберг.
Тој рече дека одлуката за одземање на акредитациите на осум Руси била донесена врз основа на разузнавачки информации и дека НАТО мора да дејствува кога членовите на руската делегација вршат активности што не се во согласност со нивната акредитација.
Руската мисија не се наоѓа во седиштето на НАТО, туку во соседство јужно од Брисел.
НАТО ја суспендираше практичната соработка со Русија од 2014 година откако Москва го анектираше полуостровот Крим, но остави отворени канали за состаноци на високо ниво и за воена соработка. Сепак, Советот НАТО-Русија, форум важен за двете страни, оттогаш само повремено се состануваше.
Двете страни се спорат и околу развојот на руската нуклеарна ракетна програма, упадите на руски авиони во воздушниот простор на членките на НАТО и нивните прелети над бродовите на членки на Алијансата.






