Специјалните единици на косовската полиција (РОСУ) се повлекоа од премините Јариње и Брњак во саботата во 16 часот, ги заменија меѓународните трупи на КФОР и почнаа патроли, а локалните Срби ги отстранија барикадите, па од утринава сообраќајот постепено се нормализира.
„Следните две недели КФОР ќе го задржи привременото, силно и агилно присуство во таа област како поддршка на примената на неодамнешниот аранжман за деескалација на северот на Косово“, соопшти штабот на меѓународните сили.
Привремените регистарски таблички за возилата од Србија со ознака РКС, на кои инсистираше Приштина како реципрочна мерка, се заменети со лепенки на кои возачите се должни под надзор на полицијата да ги стават преку симболите – грбот и буквите СРБ на табличките.
[video:https://youtu.be/O5jrzX6u30s autoplay:0]Сообраќајот е успорен а колоната на преминот Јариње денес била долга околу километар бидејќи процедурата со лепенките трае околу минута за секое возило, јавува РТС.
Лепенките ги издаваат полициите на двете страни, а процедурата и примената на мерките ги надгледуваат и претставници на правосудната мисија на ЕУ (Еулекс).
Трајно решение за проблемот околу регистарските таблички, како што двете страни се обврза во Брисел, треба да биде постигнато во рок од шест месеци.
По прогласувањето на независноста на Косово во февруари 2008 година, која Србија не ја признава и го оспорува приемот во Обединетите нации и меѓународните институции, Белград и Приштина под покровителство на ЕУ во април 2013 година постигнаа договор за нормализација на односите, чија примена е постојан предмет на спор на двете страни.






