среда, 22 април 2026

Со шпионска програма следени над 50.000 телефонски броеви на политичари, активисти, новинари низ целиот свет

Објавено на

часот

Сподели

Активисти за човекови права, новинари и адвокати ширум низ целиот свет биле мета на авторитарни влади што користеле хакерски софтвер продаден од израелската технолошка компанија НСО груп, според истрагата за масовно протекување податоци.

Истрагата на Гардијан и 16 други медиумски организации упатува на широко распространета и континуирана злоупотреба на хакерскиот софтвер на НСО, Пегасус, за кој компанијата инсистира дека е наменет само за употреба против криминалци и терористи.

Пегасус е злонамерна програма што заразува ајфони и андроид-уреди и им овозможува на операторите на алатката да извлекуваат пораки, фотографии и мејлови, да снимаат повици и тајно да вклучуваат микрофони.

Протечените податоци содржат список со повеќе од 50.000 телефонски броеви за кои се верува дека им припаѓаат лица за кои клиентите на НСО биле заинтересирани уште од 2016 година.

Форбиден сторис, непрофитна медиумска организација со седиште во Париз, и Амнести интернешнел ја споделиле протечената листа со медиумските партнери како дел од проектот „Пегасус“, известувачки конзорциум.

Присуството на некој телефонски број во податоците не открива дали уредот бил заразен со Пегасус или бил предмет на обид за хакирање. Сепак, конзорциумот верува дека податоците се показател за потенцијалните цели на владините клиенти на НСО идентификувани пред можните обиди за шпионирање.

Форензичката анализа на мал број телефони чии броеви се појавиле на протечената листа, исто така, покажа дека повеќе од половина имаат траги од шпионскиот софтвер Пегасус.

Гардијан и неговите медиумски партнери во наредните денови ќе ги откриваат идентитетите на луѓето чиј број се појавил на списокот. Меѓу нив има стотици директори, верски личности, академици, вработени во невладини организации, претставници на синдикати и владини претставници, вклучувајќи министри од кабинети, претседатели и премиери.

Списокот исто така содржи броеви на блиски членови на семејството на владетелот на една земја, што укажува дека владетелот можеби им дал инструкции на своите разузнавачки агенции да ја истражат можноста за следење на неговите сопствени роднини.

Откривањето на имињата ќе почне в недела, а на листата се наведени броевите на повеќе од 180 новинари, вклучително и репортери, уредници и директори на Фајненшл тајмс, Си-ен-ен, Њујорк тајмс, Франс 24, Економист, Асошиејтед прес и Ројтерс.

Анализата на протечените податоци открила најмалку 10 влади за кои се верува дека му се клиенти на НСО што внесувале броеви во системот: Азербејџан, Бахреин, Казахстан, Мексико, Мароко, Руанда, Саудиска Арабија, Унгарија, Индија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

Според анализата на податоците, земјата-клиент на НСО што одбрала најмногу броеви (повеќе од 15.000) била Мексико, каде што се знае дека повеќе различни владини агенции го купиле Пегасус. И Мароко и ОАЕ одбрале повеќе од 10.000 броеви, вели анализата.

Одбраните телефонски броеви, веројатно пред шпионскиот напад, опфаќале повеќе од 45 земји на четири континенти. Во европските земји има повеќе од 1.000 броеви, кои, како што е наведено во анализата, биле одбрани од клиенти на НСО.

Без форензичко испитување на мобилните уреди невозможно е да се каже дали телефоните биле подложени на обид или на успешно хакирање со Пегасус, вели Гардијан.

НСО соопшти дека „не ги контролира системите што им ги продава на проверени владини клиенти и нема пристап до податоците за лицата таргетирани од неговите клиенти“.

Во соопштенијата издадени преку неговите адвокати, НСО ги негираше „лажните тврдења“ дадени во врска со активностите на неговите клиенти, но рече дека „ќе продолжи да ги испитува сите веродостојни тврдења за злоупотреба и ќе преземе соодветни мерки“. Тој рече дека листата не може да биде список на броеви „таргетирани од владите што користат Пегасус“, а бројката од 50.000 ја опиша како „претерана“.

Компанијата им продава само на воени агенции, агенции за спроведување на законот и разузнавачки служби во 40 неименувани земји и вели дека строго ги проверува евиденциите за човекови права на своите клиенти пред да им дозволи да ги користат нејзините шпионски алатки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ