Од срцето на Скопје беше испратена силна порака до целиот свет – дека спортот обединува, дека младите се иднината, а дека Македонија е подготвена да биде домаќин на еден ваков голем настан, кој е историски за нашата држава. Ова првенство не е само натпреварување, туку и средба на различни култури, нови пријателства и заеднички соништа.
Свечената церемонија започна со дефилето на учесниците, кои пристигнуваа преку Камениот мост – симбол на поврзување, пријателство и единство, носејќи ја енергијата на младоста и духот на фер-плејот.
Овој настан е резултат на визија, посветеност и силна верба во младите. Лице кое стои зад таа визија е претседателката на Федерацијата на училишен спорт,Г-ѓа Елена Мицковска.
„Дозволете ми, во име на Федерација на училишен спорт, да Ви посакам топло добредојде на свеченото отворање на Светското првенство во ракомет за ученици.
Вечерва, Скопје и Македонија не се само домаќини на еден спортски настан – туку домаќини на младоста, енергијата и иднината на светот. На едно место се собрани млади спортисти од 20 држави, со различни јазици, култури и традиции, но со една заедничка вредност – љубовта кон спортот.
Училишниот спорт има посебна тежина. Тој не е само натпреварување. Тој е училиште за живот. Тука се учи дисциплина, почит, тимска работа, фер-плеј и истрајност. Тука се создаваат не само шампиони, туку и луѓе со вредности.
Ракометот, како спорт со длабока традиција во нашата земја, има посебно место во срцата на нашите граѓани. Горди сме што токму преку овој спорт денес ја испраќаме пораката дека младите се нашата најголема инвестиција.
Организацијата на ваков настан е резултат на заедничка посветеност, визија и соработка. Сакам да изразам искрена благодарност до сите институции, партнери, спонзори, волонтери и сите оние кои со својот труд и енергија придонесоа ова првенство да стане реалност.
Посебна благодарност упатувам до државните институции за поддршката, затоа што ваквите настани не се само спортски – тие се национална гордост и можност да ја покажеме нашата организациска, културна и човечка вредност пред светот. Исто така, сакам да се заблагодарам и на Светстаката федерација на училишен спорт и претстедателот Жељко Танасковиќ, за довербата која ни ја дадоа за организација на оваа манифестација.
Драги спортисти, пред вас се денови на натпревари, предизвици и можности. Но најважно од сè – ова е можност да создадете пријателства кои ќе траат цел живот. Победата е важна, но уште поважно е како ќе играте, како ќе се однесувате и што ќе понесете од ова искуство.
Нека ова првенство биде симбол на заедништво, почит и фер игра. Нека биде доказ дека спортот има моќ да обединува, да инспирира и да гради подобар свет.
Ви посакувам успешни натпревари, силни емоции и незаборавни моменти. Добредојдовте во Македонија – земја на спортот, традицијата и големото срце“, беше пораката на Елена Мицковска, претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија.
Претседателот на ИСФ господин Жељко Танасковиќ ги поздрави сите присутни и изрази голема задоволство што токму Скопје е домаќин на овогодинешниот календер.
„Драги спортисти и пријатели од училишниот спорт, ми претставува големо задоволство да ве поздравам во прекрасниот град Скопје на Светското училишно првенство во ракомет – првиот настан од овогодишниот календар на ИСФ. Оваа прилика е навистина посебна, бидејќи го одбележува првиот пат овој настан да се одржува во Северна Македонија – земја со горда традиција во ракометот и спортот. Искрено се надеваме дека ова ќе биде почеток на уште многу меѓународни настани што ќе се организираат тука.
Би сакал да изразам искрена благодарност до националната влада, Федерацијата за училишен спорт на Северна Македонија, Ракометната федерација и сите кои придонесоа во организацијата на ова првенство. Благодарение на вашите напори, имаме чест да угостиме повеќе од 600 учесници од целиот свет.
Денес, официјално го отвораме овој настан. Спортот има единствена моќ да нè обедини како едно глобално семејство. Тој нè учи да се натпреваруваме со фер-плеј, почит и вистински спортски дух – и на теренот и надвор од него.Ова се вредности што спортот ни ги всадува секој ден.
Драги спортисти,
Ви посакувам сè најдобро на ова натпреварување. Уживајте во секој момент и понесете прекрасни спомени од Северна Македонија, без разлика на конечните резултати“, истакна Танасковиќ.
На свеченото отворање беше присутна и Претседателката на Македонија Проф. Др. Гордана Сиљановска Давкова која и официјално го прогласи Светското училишно првенство во ракомет за отворено. Претседателката им посака добредојде на сите учесници потенцирајќи какви радости носи ракометот во Македонија. Потсети на 2012 година кога токму на „Плоштад Македонија“ се славеше историското петто место на македонската ракометна репрезентација на Европското првенство, успехот на Вардар во Лигата на шампиони и на 1997 година кога женската ракометна репрезентација приреди сензација на Светското првенство.
На сите учесници им се обрати Министерот за спорт господинот Борко Ристовски.
„Почитувани гости, почитувани спортисти, тренери и наставници, драги млади ракометари и ракометарки, Добредојдовте во Скопје, добредојдовте во Македонија!
Како министер за спорт, но и како поранешен ракометар, навистина ми претставува голема чест што денеска сме домаќини на Светското училишно првенство во ракомет. Овде, во Скопје, се собрани над 700 млади спортисти од 21 земја. Ова е натпреварување од светски ранг, но и вистински празник на младоста, спортот и пријателството. Особено ми е драго што токму нашата држава е избрана за домаќин и што токму овде, во Македонија можеби за прв пат ќе блеснат некои идни ракометни ѕвезди.Тоа е јасен сигнал дека се движиме во вистинска насока – спортот сè повеќе станува дел од животот на младите, а ваквите настани се најдобра мотивација за нив.
Денеска испраќаме силна порака дека инвестицијата во младите, во нивниот развој и здрави навики, е инвестиција во иднината на нашето општество. Овој настан е многу повеќе од спортско натпреварување. Тој е платформа што ги поврзува спортот, образованието, младинските политики и меѓународната соработка. Тука се создаваат нови пријателства, се градат вистински вредности и се учат лекции што остануваат за цел живот – фер-плеј, почит, тимска работа и истрајност. Верувам дека сите вие, млади спортисти, ќе го искористите ова искуство како мотивација за нови успеси. Натпреварувајте се чесно, со срце и со страст, но пред сè – уживајте во секој момент поминат на теренот. За нас, како домаќини, ова првенство е чест, но и голема одговорност. Ќе направиме сè за да обезбедиме беспрекорна организација и да се претставиме во најдобро светло – како земја во која ракометот е спорт број еден, спорт со традиција и спорт за кој ние Македонците имаме голема пасија. На сите учесници им посакувам многу среќа, успешни натпревари и незаборавни спомени од престојот во нашата земја. Уверен сум дека деновите што следуваат ќе донесат врвен ракомет, нови пријателства и моменти кои ќе ги паметите цел живот. Нека победи најдобриот, но уште поважно – нека победат спортскиот дух, фер-плејот и заедништвото. Ви благодарам и ви посакувам успешно првенство“, е пораката на Министерот за спорт Борко Ристовски.
На сите земји ученички добредојде им посака и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој вети дека градот и натаму ќе вложува во спортот.
„Скопје денес е домаќин на Светското првенство во училиштен ракомет. Чест и особено задоволство ми е што, како градоначалник на Скопје, имам привилегија да го отворам овој значаен настан – Светското училишно првенство во ракомет, кое обединува повеќе од 700 учесници од 20 земји ширум светот.
Упатувам искрени честитки до министерот за спорт, мојот драг пријател Борко Ристовски, жива легенда на ракометот, кој со својата кариера и посветеност го издигна спортот на едно повисоко ниво и стана инспирација за многу генерации.
Искрени честитки и до претседателката на училишниот спорт во Македонија, Елена Мицковска за нејзината посветеност, визија и неуморна работа во развојот на младинскиот спорт и создавањето нови можности за младите таленти.
Скопје и Македонија денес се вистински центар на спортската енергија, место каде што се спојуваат култури, се градат пријателства и се испишуваат нови спортски приказни кои ќе се паметат.
Спортот е храм на дисциплината, почитта, тимската работа и истрајноста, вредности што ги обликуваат младите во силни, одговорни и успешни личности, подготвени да се соочат со секој предизвик.
Нека победи најдобриот, но уште повеќе нека победи љубовта кон спортот, сплотеноста, фер-плеј духот и пријателството кое ќе остане да трае“, рече градоначалникот на Скопје.
На сцената настапи „Танец“ кој е симбол на македонската култура и уметност, и претставува најважниот презентер на македонското фолклорно творештво. За најмладите следеше изненадување – популарниот „Пајак“.
Натпреварите на Светското училишно првенство во ракомет и официјално стартуваат утре.

























