Прашањето кое Василевска го поставила на сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа поради ограничувањето од 30 секунди, интегрално, во писмена форма, на англиски и француски јазик го доставила и до канцеларијата на Берсе.
„Почитуван Генерален секретар, како член на македонската делегација, дозволете ми јасно и директно да прашам: дали Советот на Европа ќе реагира, и со кои конкретни механизми ќе постапи во случајот со адвокатот Менкиноски, кому му е изречена десетгодишна забрана за влез во Република Бугарија, и тоа во својство на адвокат активно ангажиран во постапки пред Европскиот суд за човекови права”, прашува Василевска.
Македонската пратеничка укажува дека оваа мерка на Бугарија отвора сериозни сомнежи за повреда на повеќе членови од Европската конвенција за човекови права: член 6 , правото на правично судење, кое подразбира ефективен пристап до адвокат и непречено правно застапување; како и член 18 од Конвенцијата – забрана за злоупотреба на ограничувања на правата за цели различни од оние пропишани со Конвенцијата.
„Истовремено, ваквата постапка е во директна спротивност со Конвенцијата за заштита на адвокатската професија на Советот на Европа, која јасно утврдува дека адвокатите мора да можат да ги вршат своите професионални функции слободно, независно и без заплашување, попречување или неоправдано мешање, особено кога постапуваат пред меѓународни механизми за заштита на човековите права”, се наведува во прашњето до Берсе.
,,Во оваа насока, прашувам: дали Советот на Европа ќе иницира итно утврдување на фактите, институционален дијалог и формално разгледување на овој случај, со цел да се спречи создавање на опасен преседан кој директно го загрозува функционирањето на европскиот систем за заштита на човековите права?
Конкретно, дали Вие, во рамки на вашите овластувања согласно член 52 од Европската конвенција за човекови права, ќе побарате формални објаснувања од бугарските власти за усогласеноста на нивното постапување со Конвенцијата?
Дали ќе се активира воспоставената пракса на Советот на Европа за институционален дијалог, мониторинг и надзор, вклучително и преку механизмите на Комитетот на министри, особено кога станува збор за мерки што влијаат врз пристапот до правда и функционирањето на Конвенцискиот систем”, прашува Василевска.
Таа дополнително поставува прашање дали имајќи го предвид потенцијалниот „chilling effect“ врз адвокатите кои постапуваат пред Судот, како и ризикот од поткопување на довербата во целиот систем, Советот на Европа ќе преземе итни, јасни и решителни чекориво рамки на својот мандат за заштита на владеењето на правото и независноста на адвокатската професија?
„Очекуваме недвосмислена и принципиелна реакција“, му пишува Василевска на генералниот секретар на Советот на Европа.






