вторник, 21 април 2026

Дојче веле: Македонците не му се радуваат на Радев

Во Скопје воздржано беше дочекана веста за убедливата победа на Прогресивна Бугарија на поранешниот претседател Румен Радев на изборите во соседната земја, пишува Дојче веле.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тоа што, по повеќегодишната криза и серијата вонредни избори, некој конечно ќе има апсолутно мнозинство се толкува како предуслов за решавање на спорните прашања меѓу Бугарија и Македонија.

Некои аналитичари во Скопје пред изборите не беа задоволни од очекуваната победа на Радев, со оглед на тоа што во Софија има многу полиберални политичари од него. Сепак, Македонија ни со таквите досега немаше повеќе среќа.

„Ниеден бугарски политичар не може да излезе од бугарската матрица ниту нивната национална доктрина за македонското прашање“, изјави за Дојче веле Марјан Ѓорчев, поранешен македонски амбасадор во Софија.

„Не е спорно дека Бугарија прва ја призна независна Македонија, но има проблем со македонскиот суверенитет, што го изразува преку ставот дека „Македонија може да се приклучи на ЕУ, но македонството не може“. Ниту Радев не може од таа матрица, ниту има овластување од граѓаните да го стори тоа“, додава Ѓорчев.

Чиј е Гоце Делчев?

Односите меѓу двете земји се ладни со децении бидејќи Софија го негира македонскиот идентитет и го смета јазикот само за дијалект на бугарскиот јазик.

„Компромисот“ од 2022 година, според кој Македонија ќе го вклучи бугарското малцинство меѓу конститутивните народи, не го спроведуваат сегашните власти во Скопјe. Владата ја предводи конзервативниот Христијан Мицкоски, пишува германската агенција.

Според Ѓорчев, бугарската сцена е пообединета во својот став отколку македонскиот. „Треба да покажеме иста едногласност тука. Треба да бараме начини за соработка, да разговараме за сегашноста и иднината, а не за тоа чиј е Гоце Делчев. Дали Франција и Германија дебатираат чиј е Карло Велики?“

Но, вели тој, не можете да ја обвинувате Бугарија, бидејќи некој тука потпиша дека „имаме заедничка историја“ со Бугарија.

Тука се мисли на минатите социјалдемократски власти во Скопјe, кои во 2022 година гласаа за таканаречениот француски предлог во парламентот и се согласија со дел од бугарските барања. ВМРО-ДПМНЕ, сегашната власт, силно протестираше во тоа време, зборувајќи за „злосторство над целата нација“.

По кој пат ќе оди Радев?

Радев уверливата победа ја извојува главно зборувајќи за корупцијата на претходните власти. Но, во Европа е дочекан со скептицизам и прашањето дали е „новиот Виктор Орбан“ поради неговите добри односи со Москва.

Тој самиот кажа дека Бугарија ќе „го следи европскиот пат“, но и дека на Европа ѝ се потребни „критичко размислување, прагматизам и реални резултати“.

Според мислењето на поранешниот македонски амбасадор Ѓорчев, Радев веројатно ќе бара соработка со земји надвор од ЕУ ако процени дека тоа е во интерес на Бугарија.

„Тој е бугарски суверенист. Тој го познава и НАТО и може да процени што е добро за Европа, а што е добро за Бугарија“, заклучува Ѓорчев за Дојче веле.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ