вторник, 21 април 2026

Амнести ги нарече Трамп и Нетанјаху предатори, а европските лидери кукавици

Соочени со „предаторски“ шефови на држави како Доналд Трамп, Владимир Путин или Бенјамин Нетанјаху, многу лидери во 2025 година покажаа „кукавичлук“ во моменти кога требаше да „се спротивстават“, истакна денес организацијата за човекови права Амнести интернешнал во својот годишен извештај.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според невладината организација, овие шефови на држави дејствуваат занемарувајќи ги меѓународните правила и организации воспоставени по Втората светска војна, скицирајќи свет во кој „војната ја заменува дипломатијата“.

„Во 2025 година Доналд Трамп, Владимир Путин и Бенјамин Нетанјаху, да наброиме само неколку, ја продолжија својата стратегија на економска и политичка доминација преку уништување, репресија и глобално насилство во голем обем“, изјави генералната секретарка на Амнести интернешнал Ањес Каламард за време на претставувањето на извештајот во Лондон.

Извештајот ги осудува Соединетите Американски Држави за впуштање во „вонсудски убиства надвор од своите граници“, за „целосно нелегалните напади врз Венецуела и Иран“ и за заканите кон Гренланд.

Во исто време, администрацијата на Трамп „направи сè што можеше за да ги поткопа годините, децениите напори“ во одбраната на правата на жените, изјави Каламард за Франс прес, нагласувајќи дека американскиот и рускиот претседател делат „длабоко расистички и патријархален“ поглед на светот.

Што се однесува до израелската влада, таа „продолжи со геноцидот врз палестинското население во Појасот Газа, и покрај октомврискиот договор за прекин на огнот“, додека меѓународната заедница не презема никакви „значајни мерки“, се критикува во извештајот.

Соочени со „тие насилници и ограбувачи“, речиси сите меѓународни лидери „покажаа кукавичлук“, особено во Европа, се пожали Ањес Каламард.

„Државите, меѓународните тела и граѓанското општество мора да ја отфрлат политиката на попуштање по секоја цена и колективно да се спротивстават на овие напади“, апелира Амнести.

Според невладината организација меѓународните институции ги претрпеле „најлошите“ напади од 1948 година, вклучувајќи ги и санкциите на Соединетите Американски Држави против одредени судии и обвинители на Меѓународниот кривичен суд (МКС) и повлекувањето на САД од десетици конвенции, како што се оние на ИПЦЦ за климата.

За генералната секретарка на организацијата, сегашниот конфликт на Блискиот Исток илустрира „лизгање кон беззаконие“, од „првите нелегални напади извршени од САД и Израел“ до „неселективната одмазда“ од страна на Иран.

Тој конфликт се случи откако иранските власти „масакрираа демонстранти во јануари 2026 година, во можеби најсмртоносната репресија од ваков вид во последниве децении“, додава организацијата.

Извештајот детално ги опишува и кршењата на човековите права во земји како Мјанмар, растргнат од граѓанска војна од 2021 година, каде што војската „користеше моторизирани параглајдери за фрлање експлозивни направи врз селата, убивајќи десетици цивили“.

Се споменува и Судан, каде што Силите за брза поддршка (РСФ) особено „извршија масакри врз цивили и сексуално насилство“ за време на 18-месечната опсада на Ел Фашер, пред градот да падне во октомври.

Ретки зраци надеж во таква мрачна слика, според Амнести, претставуваат формирањето специјален суд за војната во Украина и екстрадицијата на поранешниот филипински претседател Родриго Дутерте, обвинет за злосторства против човештвото, до Меѓународниот кривичен суд (МКС).

Невладината организација, исто така, ги поздрави постапките на пристанишните работници во Шпанија, Франција и Мароко насочени кон „попречување на снабдувањето со оружје за Израел“, како и ангажирањето на американските граѓани кои се спротивставија на операциите на имиграциската полиција ИЦЕ, понекогаш ризикувајќи го сопствениот живот.

Ањес Каламард изрази надеж дека одбивањето на одредени европски земји да се приклучат на нападите врз Иран кои ги започнаа САД и Израел го најавува почетокот на „големото будење“.

„Се наоѓаме во момент во кој сè може да се сруши, во кој постои ризик сè што е изградено во последните 80 години да биде уништено“, предупреди таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ