Истрагата почнала во април 2020 година и се заснова на податоци добиени преку комуникација од корисници на сервисот „Енкрочет“, кои учествувале во нелегална трговија со дрога, се вели во соопштението на државната обвинителка и Федералната криминалистичка служба.
Државната обвинителка Јулија Бусвајлер за Асошиејтед прес изјави дека француските и холандските истражители помогнале во истрагата.
Тие успеале да ги дешифрираат податоците и со тоа да ја следат комуникацијата на криминалците, кои користеле шифрирани мобилни телефони на „Енкрочет“.
Инспекторите заплениле 3,2 тони канабис, околу 320 килограми синтетички дроги, повеќе од 125.500 таблети екстази, речиси 400 килограми кокаин и 10 килограми хероин.
Запленети се 310 парчиња оружје, повеќе од 12.200 куршуми и имот во вредност од 168 милиони евра.
Обвинителката Бусвајлер изјави дека истрагата сè уште не е завршена и дека се проверуваат податоците од разговорите.
„Многу луѓе се во притвор. Се проверуваат податоците за да се утврди дали се доволни за да се покрене обвинение“, рече обвинителот.






