четврток, 7 мај 2026

Шведска најави построги мерки

Објавено на

часот

Сподели

Бројот на новозаразени лица во Шведска во последните денови скокна, иако е помал отколку во повеќето европски земји. Ограничен број мерки се повторно воведени, а властите рекоа дека ќе бидат потребни дополнителни чекори доколку бројот на заразените продолжи да расте.

„Поради новиот сој на вирусот, омикрон, тешко е да се предвиди како ќе се развиваат работите“, рече министерката за здравство Лена Халенгрен на прес-конференција. „Во Шведска сме во релативно подобра позиција, но и овде се зголемува бројот на заразените и се оптоварува здравствениот систем.“

Проширувањето на правилата за сертификатите за вакцинација во нордиските земји, единствените земји што досега не се опфатени со правилото, ќе стапи во сила на 21 декември.

Властите исто така предупредија дека следната недела може да бидат воведени построги ограничувања кога агенцијата за јавно здравје ќе објави како го проценува понатамошниот развој на пандемијата.

„Треба да се подготвиме за влошување на ситуацијата“, рече Карин Тегмарк Висел, шефица на агенцијата за јавно здравје.

„Можеби ќе објавиме дополнителни мерки следната недела за да го забавиме ширењето на инфекцијата“.

Владата на левиот центар изнесе план на три нивоа како одговор на зголемувањето на бројот на заразените.

Во Шведска, од 1 декември, организаторите на јавни собири со повеќе од 100 луѓе, пред сѐ во културниот, спортскиот и забавниот сектор, ќе мора да бараат од учесниците сертификати за вакцинација или да воведат дополнителни мерки, како што се дистанца и ограничен број учесници.

Мерката не се однесува на рестораните, кафулињата, продавниците, училиштата, јавниот превоз и јавните институции. Иако бројот на заразени се зголеми во последните денови, Шведска сè уште има една од најниските стапки на инфекции и смртност во Европа.

Претходно неделава Норвешка ги заостри ограничувањата за коронавирусот, во обид да го ограничи ширењето на варијантата омикрон во услови на рекордно ниво на инфекција и хоспитализација.

Данска, исто така, повторно воведе многу ограничувања, вклучувајќи го и затворањето на основните училишта во пресрет на католичкиот Божиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ