„Пандемијата ќе заврши кога светот ќе одлучи да ја заврши, тоа е во нашите раце, достапни ни се сите потребни алатки“, кажа Гебрејесус на конференција во Берлин, пренесува Франс прес.
Тој изрази жалење што „светот досега не ги користеше мудро тие алатки“ и истакна дека со „околу 50.000 смртни случаи во светот неделно, пандемијата е далеку од крајот“.
Зборувајќи на свеченото отворање на „Светскиот самит за здравјето“, годишниот собир на професионалци и политичари во Берлин, Гебрејесус укажа на целта на СЗО 40 отсто од населението на секоја земја да се вакцинира до крајот на оваа, а 70 отсто до крајот на следната година.
„Тоа е можно, но само ако земјите и компаниите кои го контролираат снабдувањето своите зборови ги претворат во дела“, кажа шефот на СЗО.
Француската агенција истакнува дека генералниот секретар на Светската здравствена организација редовно истакнува дека жали поради трупањето вакцини против ковид во богатите земји.
„Земјите кои веќе вакцинирале 40 отсто од населението, вклучувајќи ги земјите од Г20, мора да ги препуштат своите количества во испораката на вакцини на меѓународниот систем Ковакс и Африканскиот фонд за набавка на вакцини (Ават) кој го формираше Африканската унија“, порача Гебрејесус.
Тој сугерираше дека „произведувачите на вакцини мора да ги споделат своите знаења, технологии и лиценци и да се откажат од правото на интелектуална сопственост“.
Во снимената порака до учесниците на собирот генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутерш оцени дека „успехот на вакцините, развиени и ставени на пазарот во рекорден рок, ја засени трагедијата на неправедната распределба“.
„Сите нас нè загрозуваат национализмот и трупањето вакцини“, предупреди Гутереш.






