„Ниту во времето на нивното пристигнување, ниту денес, придонесот на првата генерација турски работници во Германија не е доволно ценет“, рече претседателот на Турската заедница во Германија Гоки Софуоглу во интервју за јавниот сервис БР.
Во пресрет на денешното одбележување на 60-годишнината од потпишувањето на договорот меѓу Германија и Турција за пристигнување на работници, на кое ќе присуствува и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, Софуоглу рече дека пропустите што се направени тогаш при интеграцијата на ново пристигнатите работници сè уште се чувствуваат и денес.
„Луѓе кои работеа беа повикани, но во тоа време на никого не му падна на памет тие луѓе во Германија да бидат интегрирани“, рече претседателот на Турската заедница.
Тој ги повика внуците на првата генерација „гастарбајтери“ посилно да се ангажираат на локално политичко ниво, што може да влијае на подобрување на интеграцијата.
Политичарот на партијата Зелени, Чем Оездемир, чии родители припаѓаат на првата генерација имигранти од Турција, се пожали дека денес успехот сè уште зависи од потеклото.
„Германската историја како имигрантска земја треба да гарантира дека сите имаат исти шанси за образование и квалитетен живот, без разлика како звучи нечие презиме. Но, многу сме далеку од тоа“, изјави Оездемир за Аугсбургер Алгемајне.
Првите работници од Турција по пристигнувањето биле вработени во рудници во областа Рур. Во почетокот на шеесеттите години, во екот на т.н. германско економско чудо, германската економија се соочила со недостаток на работници, па затоа биле склучени договори за пристигнување на работници од Турција, а претходно и од Италија, Шпанија и Грција.
Отпрвин, работниците требало да останат само две години, но стопанството се жалело дека мора да обучува нови контингенти работници на секои две години, така што е овозможено да останат подолго и да го донесат семејството во Германија.
Од 1974 година, со доаѓањето на економската криза и зголемувањето на бројот на невработени, организираното доаѓање на работници од странство е укинато.






