Официјалните лица за врска на двете Кореи разменија пораки преку прекуграничниот комуникациски канал, соопшти Министерството за унификација на Јужна Кореја.
Се очекува дека Северна и Јужна Кореја подоцна денеска повторно ќе ги воспостават комуникациските канали преку нивната напната граница бидејќи двете земји претходно изразија намера тоа да го направат.
Врските преку телефон и факс што ги користат двете Кореи за закажување состаноци, договарање премини на границата и избегнување случајни судири главно беа во застој повеќе од една година. Комуникациите на кратко беа обновени околу две недели летоска, но Северна Кореја одби да ја продолжи размената на пораките тогаш кога Сеул ги организираше годишните воени вежби со САД, кои Пјонгјанг ги сметаше како вежби за инвазија.
Министерството за унификација на Јужна Кореја денеска соопшти дека повторното воспоставување на комуникациите е основа за обновување на врските меѓу двете Кореи и за стабилност на Корејскиот Полуостров. Во соопштението од Министерството се наведува дека Сеул се надева дека двете Кореи набргу ќе ги продолжат преговорите за тоа како да се спроведат претходните договори за соработка и ќе воспостават мир на Корејскиот Полуостров.
Минатата недела севернокорејскиот водач Ким Џонг Ун изрази спремност повторно да ги активира комуникациските канали, наведувајќи дека сака да ја оствари желбата на корејскиот народ за промовирање на мирот на Полуостровот. Но Ким го повика Сеул да се откаже од ставот на двојни аршини и од непријателското гледиште спрема неодамнешните ракетни проби на Северна Кореја и на други настани.
Некои експерти сметаат дека Северна Кореја се обидува да ја искористи јужнокорејската желба за подобрување на односите за да ги убеди САД да ги ублажат тешките економски санкции.
Северна Кореја последниве денови спроведе низа ракетни проби, први во последниве шест месеци. Пробите вклучија и ракети што може да имаат нуклеарни капацитети и може да ги погодат Јужна Кореја и Јапонија, кои се сојузнички на САД.






